Според анализата на владини податоци од страна на списанието за надворешна политика „Политико“, во текот на 2024 година грчките земјоделци побарале субвенции од Европската Унија за десетици илјади грла добиток повеќе отколку што биле евидентирани во државните регистри.
Ова сознание се заканува дополнително да го прошири постоечкиот скандал со земјоделските субвенции во оваа земја.
Анализата откри драстични несовпаѓања помеѓу податоците за намалувањето на националниот фонд за добиток, кои ги објавува грчката статистичка агенција ЕЛСТАТ, и евиденцијата за исплатени субвенции, која е достапна на Министерството за земјоделство на Грција. Неодамнешните скандали во земјоделството ги принудија властите во Атина да ветат темелни реформи и зголемени контроли.
„Грчкото сточарство врти нова страница. Ги исполнуваме нашите обврски кон ЕУ и влегуваме во нова ера на земјоделството, ера заснована на правила, транспарентност и сигурност“, рече министерот за земјоделство Маргаритис Шинас на прес-конференција во јуни.
Сепак, недоследностите во податоците укажуваат дека владата сè уште има долг пат пред да воспостави целосна контрола врз овој проблем, пишува Политико.
Математика што не се совпаѓа
Според податоците на Министерството за земјоделство, во 2024 година, грчките власти исплатиле пари од фондовите на ЕУ за 260.000 млечни крави. Оваа бројка, која првично ја објави грчки земјоделски портал, официјално беше потврдена за Политико од самото министерство.
Бидејќи млечната крава обично раѓа едно теле годишно, фондот за добиток треба да се зголеми за приближно ист број грла врз основа на ова. Податоците на Министерството покажуваат дека во 2024 година за месо биле заклани 70.000 грла говеда, категорија за која постои и право на субвенции.
Грција не објавува сеопфатни податоци за добитокот што е уништен (пратен на колење, еутанизиран, продаден или умира) поради старост, намалена продуктивност или болести. Но, тројца неименувани грчки одгледувачи на говеда изјавија за Политико дека ваквите отписи на годишно ниво обично изнесуваат 20 проценти од вкупното стадо.
Со оглед на тоа што во Грција во 2024 година имало 600.000 говеда (според податоците на ЕЛСТАТ), ова би значело намалување од 120.000 животни.
Кога овие проценети загуби ќе се споредат со податоците за субвенциите, пресметката покажува дека националниот фонд мора да се зголемил за приближно 70.000 грла таа година.
Наместо да се зголемуваат, податоците собрани од ЕЛСТАТ преку годишни истражувања покажуваат дека популацијата на добиток континуирано се намалува – од 640.000 грла во 2023 година на 600.000 во 2024 година, па сè до 520.000 во 2025 година, според најновите податоци објавени во јуни.
Никос Димопулос, претседател на Здружението на одгледувачи на говеда од Кавала, посочи дека несогласувањата би можеле да бидат уште поголеми. На пример, дел од заклани животни можеби потекнувале од увоз, а не од домашното стадо, со оглед на тоа што во повеќето години Грција е нето увозник на жив добиток и извезува само незначителни количини.
„Нема контрола и не можеме да имаме точна бројка бидејќи нема веродостојни податоци“, рече Димопулос, потсетувајќи дека надлежните служби вршат само случајни проверки или постапуваат по пријави.
Слични несовпаѓања се забележани и во евиденцијата за овци и кози. ЕЛСТАТ регистрираше 8,8 милиони животни за 2025 година, додека 15,7 милиони грла беа регистрирани во официјалната државна база на податоци, Интегрираниот ветеринарен информативен систем.
Двајца службеници од Министерството за земјоделство, кои сакаа да останат анонимни бидејќи не се овластени да даваат изјави, изјавија дека министерството не е одговорно за водење на регистри за добиток и дека се потпира на податоци доставени од општините. Затоа експертите предупредија дека земјата нема безбеден и сигурен регистар врз основа на кој би се исплаќале стимулации за добиток.
„Додека не спроведеме попис на добитокот низ цела Грција за да видиме што навистина имаме, нема да имаме јасна слика“, рече Димопулос.
Вклученост на Канцеларијата на Европскиот јавен обвинител
Жалби поради несовпаѓања помеѓу исплатените субвенции и официјалната големина на фондот за добиток беа поднесени до Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO). Барањето го поднесе неодамна формираната левичарска партија Елас, предводена од поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас, откако спроведе сопствена анализа на фондот за добиток.
„Апликациите се испратени до ЕППО“, потврди Томас Мошос, раководител на партиската канцеларија за земјоделска политика.
Тој додаде дека Земјоделското здружение на Костурја, организација на мали земјоделци во која тој е претседател, заедно со други здруженија, веќе ја доставило документацијата до европските обвинители.
Иако ЕЈО одби да потврди дали го истражува овој случај, оваа институција веќе води десетици постапки против лицата за кои постои сомневање дека добиваат средства од ЕУ за пасишта што не ги поседувале или не ги изнајмиле или за земјоделска работа што воопшто не ја извршувале.
Во јули, ЕЈО објави дека подигнало обвинение против 22 лица, вклучувајќи четворица претставници на владејачката партија Нова демократија, како дел од поширока истрага за измама со земјоделски фондови. Судењата на овие пратеници ќе започнат во Атина во октомври, а сите обвинети се изјаснија за невини.
Се сомнева дека ветеринарите и службениците на ОПЕКЕПЕ, агенцијата што претходно беше одговорна за распределба на земјоделските средства на ЕУ, а која беше затворена токму поради скандалот со субвенциите, ги фалсификувале и ги надувувале бројките за добиточниот фонд.
Еден од случаите на ЕКЈО, во кој е вклучен претставник на „Нова демократија“, се однесува на наводно исплаќање субвенции на одгледувач за значително поголем број крави отколку што всушност имал.
Според досието на случајот што го виде Политико, претставникот се јавил кај висок функционер на ОПЕКЕПЕ за да побара исплата, посочувајќи дека ветеринарот во ветеринарната станица веќе го ревидирал бројот на говеда, со што се зголемил износот на субвенцијата на која одгледувачот имал право. Случајот ќе оди на суд на 2 октомври.
Скандалот ја поттикна владата да објави нови контролни мерки, вклучително и електронски систем за идентификација на овци и кози преку желудочни капсули (болуси). Системот треба да се тестира оваа година на фарми со повеќе од 900 животни, кои опфаќаат 700.000 грла, пред да се прошири на целиот сектор.
Во март, Грција достави до Европската комисија акционен план со мерки за спречување на злоупотреба и нелегално споделување на земјоделски ресурси.
Европската комисија објави дека ќе соработува со Грција со цел да помогне во понатамошното подобрување на управувањето со европските земјоделски стимулации.
The post Како грчките земјоделци ги „молзеа“ средствата од ЕУ на имагинарни крави appeared first on Во Центар.



