Жештината ја загрози француската гордост: Дали познатите сирења исчезнуваат?

Конте, тврдо сирење од сурово кравјо млеко произведено во планините Јура, е најпродаваното традиционално сирење во Франција, со производство од над 62.000 тони минатата година.

Владата објави дека на производителите на ова сирење, како и на многу други, ќе им биде одобрено привремено отстапување од строгите правила за пасење, бидејќи екстремната топлина буквално ги изгоре пасиштата.

Овие концесии им беа доделени и на производителите на сирења Бофорт и Абонданс, кои се прават од млекото на кравите од алпските пасишта.

Сите три сирења ја носат престижната ознака за заштитено потекло (PDO), што гарантира автентичност и ги штити традиционалните методи на одгледување.

Според овие правила, каде пасат животните и што јадат е строго дефинирано. Сепак, сушата што зафати дури 95 проценти од континентална Франција ги остави пасиштата жолти и голи.

Затоа, надлежните органи одлучија производителите привремено да ја надополнат исхраната на животните со сточна храна и житарки увезени од други региони. Националниот институт за потекло и квалитет (INAO) ја опиша оваа суша како историска и објави планови за доделување помош на производителите на сирења како што се реблошон, кантал, бле д’Оверњ и форм д’Амбер.

Ибер Генти, производител на млечни производи од Нормандија, истакнува дека кравите произведуваат значително помалку млеко поради недостаток на храна.

Неговата сопруга, Анџелик, која се занимава со занаетчиско производство на сирење, ги објаснува размерите на кризата.

„Обично во ова време од годината произведуваме помеѓу 600 и 700 сирења дневно, но сега едвај успеваме да произведеме 400 до 450. Ќе биде многу тешко да се задоволи побарувачката на клиентите“, рече таа.

Ситуацијата е толку сериозна што околу 70 проценти од производителите на сирење мораа целосно да го суспендираат летното производство, додека производителите на познатиот рокфор бараат итно олабавување на правилата за пасење овци.

Статистичките податоци од француското Министерство за земјоделство покажуваат дека растот на тревата на трајните пасишта е за една третина помал од просекот забележан во периодот од 1989 до 2018 година.
The post Жештината ја загрози француската гордост: Дали познатите сирења исчезнуваат? appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: