Македонија исплаќала социјална помош на починати и иселени граѓани, откриени над 4.500 лица

Повеќе од 4.500 „лажни корисници“ на гарантирана минимална помош и социјална сигурност биле откриени при проверките што ги спроведува Владата, тврди премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, меѓу корисниците за кои државата исплаќала средства имало починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници.

„До овој момент имаме повеќе од 4,5 илјади, значи не 45, не 450, туку 4,5 илјади лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност“, рече Мицкоски.

Тој тврди дека по деталната анализа и проверките на терен, фактурата за овој месец е за 200 милиони денари помала во споредба со истиот месец минатата година.

„Како е тоа возможно? Возможно е затоа што корисници биле, за жал, починати луѓе, отселени луѓе, лажни луѓе и така натаму“, изјави премиерот.

Според неговата пресметка, од државниот буџет на годишно ниво се трошеле повеќе од една милијарда, па дури и до милијарда и пол денари за вакви исплати.

Мицкоски посочи дека проверката сè уште не е целосно завршена и дека остануваат да бидат проверени уште приближно една петтина до една шестина од вкупниот број корисници.

Тој најави дека контролите нема да запрат кај корисниците на гарантирана минимална помош и социјална сигурност, посочувајќи дека состојбата се одразува и врз здравството и други сектори.

Премиерот ваквата проверка ја претстави како реформа со финансиски ефект од околу 25 милиони евра годишно

Пронајдете не на следниве мрежи: