(Видео) Јанчев: ДПМНЕ ја остава отворена вратата за бизнис со опожарени шуми – вторпат не го поддржа предлогот на Левица за 50-годишна забрана за сеча и градење

Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, во Собранието го образложи предлогот за дополнување на Законот за шумите, со кој се предлага да се забрани сеча на дрвја, урбанизација, изградба на објекти и поставување фотоволтаични централи на земјиште зафатено со шумски пожар во период од 50 години по гасењето на пожарот.
Предлогот има за цел да се отстрани економскиот интерес од намерното подметнување пожари и да се овозможи ревитализација на опожарените шумски површини. Предлогот, кој Левица го поднесува по вторпат, и вторпат не беше поддржан од мнозинството предводено ДПМНЕ, велат од партијата Левица.

Јанчев посочи дека во изминатите пет години настрадале околу 10% од македонските шуми, додека пошумувањето е драстично намалено. Истовремено, како што истакна, постојат повеќе економски интереси поврзани со намерното палење на шумите – од поевтина такса за сечење на изгореното дрво и негова поскапа продажба, до користење на дрвната маса за пелети и ослободување простор за урбанизација и фотоволтаични централи.
„Пошумување нема, ама затоа пожари има, и тоа необични пожари, толку подметнати пожари. Една од причините е дрвократство. Изгорено дрво, за да се сече, се плаќа помала такса, се продава поскапо и така се прави бизнис. Или пак намерно се палат борови насади за таа дрвна маса да се користи за правење пелети. Други причини кои што се наведуваат е да се ослободи простор за урбанизација, градење на објекти и правење фотоволтаични централи. Бизнис има, шуми нема.“
Токму затоа Левица предложи 50-годишна забрана која би спречила опожареното земјиште веднаш да се претвора во извор на профит преку сеча, градење или енергетски капацитети. Јанчев нагласи дека станува збор за мерка која треба да го дестимулира намерното предизвикување шумски пожари и да овозможи обновување на уништените шумски појаси.
„Ова се екстремни околности, и затоа ние предлагаме екстремна мерка, а тоа е 50-годишна забрана за сечење на шумски површини кои што биле зафатени од шумски пожари.“
The post (Видео) Јанчев: ДПМНЕ ја остава отворена вратата за бизнис со опожарени шуми – вторпат не го поддржа предлогот на Левица за 50-годишна забрана за сеча и градење appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: