Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побара да бидат идентификувани и истражени војниците и офицерите кои анонимно сведочеле во наградуваниот документарец „НАЗА“, кој се занимава со израелските воени операции и цивилните жртви во Газа.
Во писмо до државниот обвинител Гали Бахарав-Миара, началникот на Генералштабот Ејал Замир и директорот на Шин Бет, Давид Зини, Нетанјаху побарал итно да се утврди идентитетот на лицата кои се појавуваат во филмот и да се разгледа можноста за нивно кривично гонење.
Тој ги обвини учесниците за можни прекршувања поврзани со безбедноста на информациите, клевета и нанесување штета на дипломатските и безбедносните интереси на Израел. Израелската војска ги отфрла тврдењата изнесени во документарецот и оценува дека дел од сведоштвата се неточни или не можат независно да се потврдат.
„НАЗА“, во режија на Јувал Абрахам и Рејчел Сор, содржи сведоштва на 24 анонимни израелски војници и разузнавачки службеници и тврди дека во израелските напади во Газа биле користени системи со вештачка интелигенција при изборот на цели, со голем број цивилни жртви. Филмот ја освои Специјалната награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал и се прикажува во повеќе земји.
Режисерите претходно беа обвинети за „предавство“ од дел од израелските власти, а Нетанјаху и други функционери зборуваа и за можноста за одземање државјанство. Истовремено, новинарски и филмски организации ги осудија заканите кон авторите и повикаа нивната работа и изворите да бидат заштитени.
Израелските власти во меѓувреме промовираа и контрадокументарец насловен „НАЗА: Вистинската приказна“, во кој се оспоруваат наводите изнесени во оригиналниот филм.



