Жерновски: Што се крие зад средбите на Мицкоски со Ричард Гренел, човекот под истрага во САД?

Истрагата на САД против Ричард Гренел, поради сомневања за проневера на милиони долари од донација за Центарот Кенеди и продажба на пристап до претседателот Доналд Трамп, отвора сериозни прашања за поврзаноста на Христијан Мицкоски со Гренел и вистинските интереси зад контактите на Владата на Македонија во Вашингтон, изјави денес на прес-конференција членот на Управниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски.

Жерновски нагласи дека случајот отвора поширока слика за мрежа од политички и бизнис интереси во која се испреплетени влијанијата на Вучиќ и Орбан, лобистичките куќи и компаниите поврзани со нивните кругови.

„Стратешкиот мост со американската администрација, примерниот канал за директна комуникација со Белата куќа, главниот економски играч во економската агенда на владата на земјата во нејзините приоритети кон Вашингтон, од вчера е под истрага за проневера на милиони долари од донација за Центарот Кенеди и за продажба на пристап до претседателот Трамп“, рече Жерновски.

Тој потсети на серијата средби меѓу Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски со Гренел, нагласувајќи дека тие биле одржани во неколку наврати, во Вашингтон и во Скопје, како и на Минхенската безбедносна конференција.

„Погледнете ја серијата средби што се индикативни и што веќе зборуваат за поврзаноста меѓу Муцунски и Мицкоски со овој човек. Истиот Гренел, сакаме да објасниме на локалната јавност, со години работи за Вучиќ“, рече Жерновски.

Жерновски ја истакна американската лобистичка фирма „Валкур“, за која рече дека работи на промоција на српскиот претседател Александар Вучиќ во политичките и медиумските кругови во Вашингтон, истакнувајќи дека извештаите поднесени до Министерството за правда на САД покажуваат дека претставници на „Валкур“ контактирале со Гренел помеѓу септември 2025 и март 2026 година.

Жерновски нагласи дека „Валкур“, покрај тоа што ја претставува Србија, се поврзува и со компании кои имаат влијание во регионот, меѓу кои се „Телеком Србија“ и унгарската компанија „4iG“.

СДСМ бара одговор од премиерот Мицкоски во врска со природата на неговите контакти со Гренел и дали тој ги бранел интересите на државата или интересите на поединци за време на тие средби.
The post Жерновски: Што се крие зад средбите на Мицкоски со Ричард Гренел, човекот под истрага во САД? appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: