До документ со неколку клика на мобилен – нема веќе губење денови по шалтери

Со бесплатната мобилна апликација m.Uslugi, граѓаните добиваат можност да завршат дел од административните обврски директно од својот телефон, без непотребни посети на институциите и без чекање на шалтерите. Преку апликацијата ќе може да пристапат до дигитална лична карта и до дигитална возачка дозвола, како и да поднесат барање за М1/М-обрасци, податоци од Централниот регистар на население и за М4-образец за стаж. Користењето на апликацијата не е задолжително, но ќе нуди многу нови погодности. Целта е помалку документи, помалку чекање и повеќе завршени обврски со неколку клика на мобилниот телефон, без да се губат часови во административните лавиринти

Наместо да трошат време на шалтери, да чекаат во редици и да собираат документи од различни институции, граѓаните сега добиваат можност да завршат дел од административните обврски полесно, преку својот мобилен телефон. Токму тоа е целта на мобилната апликација m.Uslugi, која беше промовирана денеска и која треба да го олесни пристапот до јавните услуги и да им заштеди време на граѓаните.

Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. m.Uslugi ќе овозможи пристап до електронската верзија на личната карта и на возачката дозвола, како и до првите три дигитални услуги: граѓаните може да аплицираат за издавање М1/М2-обрасци, за податоци од Централниот регистар на население и за М4-образец за стаж. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој на промоцијата јавно ја прикачи својата лична карта на апликацијата, најави дека целта е да не се застане тука, туку постепено сите услуги да бидат достапни преку оваа апликација.

Дигитализација наместо административни лавиринти

Во своето обраќање, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ако две институции веќе поседуваат податоци што законски можат да ги разменат, нема логика граѓанинот да биде тој што физички ќе ги пренесува тие податоци од една во друга институција.

– Затоа суштината на дигитализацијата не е само да воведеме нова технологија. Суштината е прво да го анализираме процесот, да ги отстраниме непотребните чекори, да ги поврземе системите и дури потоа да му понудиме на граѓанинот едноставна услуга. m. Uslugi е видливиот дел од тој систем. Зад она што го видовме денес стојат регистри, интероперабилност, електронски услуги, електронски документи, механизми за идентификација и автентикација, законска рамка и, секако, кибербезбедност. Тоа се работи што корисникот не мора да ги гледа, но без нив апликацијата не би ја имала вистинската вредност. И тоа е една од задачите на државата: сложеноста да ја реши во заднина, а на граѓанинот да му понуди едноставен и сигурен резултат – рече Мицкоски.

Тој потсети дека пред една година, на дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје, кажал дека сака да дојде време кога граѓанинот нема да мора да зема слободен ден од работа да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартија од една во друга институција.

– Дека нема да има потреба да познавате некого во администрацијата. Дека нема потреба да се платат 300, 400, 500 денари за побрзо да се заврши некоја работа. Денес, со мобилната апликација m.Uslugi, правиме конкретен чекор токму во таа насока – посочи премиерот.

Тој потенцира дека времето на граѓаните и на компаниите има реална економска вредност и дека секое непотребно доаѓање во институцијата значи потрошено време.

– Секој документ што повторно се бара, иако веќе постои во државен регистар, создава дополнителен трошок. Секоја постапка што трае подолго отколку што е неопходно претставува трошок и за граѓанинот и за државата. Затоа дигитализацијата е истовремено и административна и економска реформа. Ако преку подобри системи заштедиме илјадници часови на граѓаните и на компаниите, тоа е конкретна вредност. Ако службениците наместо со рутински административни постапки може повеќе да се занимаваат со случаи каде што навистина се потребни човечките знаење и одлучување, и тоа е конкретна вредност – рече Мицкоски.

Тој додаде и дека дигиталните процеси се важен дел и од реформите што ги спроведува земјава во процесот на европската интеграција.

– Во рамките на реформската агенда и на Планот за раст на Европската Унија,презедовме јасни обврски и во делот на дигиталната трансформација. Значаен дел од тие обврски веќе исполнивме, преку закони, измени, развој на дигиталната инфраструктура, унапредување на електронските услуги и поврзување на институциите. Сите овие законски измени во голема мера се донесени. Тоа е важно затоа што покажува дека реформската агенда, за нас, не е само документ со рокови и индикатори туку и процес што се спроведува и дава конкретни резултати. Европската интеграција, за мене, нема смисла ако остане само во документи, поглавја и извештаи. Треба да се гледа и во секојдневието – рече Мицкоски.

Премиерот посочи и дека се обрнува внимание дигитализацијата да не создава нова форма на исклученост, затоа што не секој граѓанин има исти дигитални вештини.

– Затоа ќе продолжат да бидат потребни поддршка, центри за услуги и други канали за оние на кои им е потребно тоа. Сè што може рационално, безбедно и законски да се заврши дигитално, треба да го направиме достапно и дигитално. Нема да го мериме успехот само според тоа колку луѓе ја презеле апликацијата. Поважно е колку услуги реално ќе завршат преку неа, колку време ќе заштедат, колку постапки ќе станат поедноставни и колку непотребни административни чекори ќе успееме да отстраниме – рече премиерот.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека кога почнал процесот на дигитална трансформација на Македонија, целта не била да се креираат уште апликации, уште портали, уште регистри, туку нешто што ќе ја направи државата попристапна за граѓаните, затоа што, како што рече, државата предолго била за многу граѓани далечна и често незаинтересирана.

– Државата беше шалтер, работно време, документ што ви недостига, печат што ви недостига, уште една институција во која треба да отидете, уште еден податок што веќе го има државата, но повторно бара од вас да ѝ го донесете. И тогаш сфативме дека дигиталната трансформација многу повеќе ќе се занимава со општествената трансформација, а дигитализацијата ќе биде само нејзина алатка – истакна Андоновски, додавајќи дека m.Uslugi не треба да биде само апликација туку и дна сосема поинаква филозофија – документите да дојдат кај граѓанинот, услугите да дојдат кај граѓанинот и државата да дојде кај граѓанинот наместо граѓанинот постојано да оди кај државата – истакна Андоновски.

Тој посочи дека сè уште не може целосно да се извршуваат сите плаќања во апликацијата и дека нема онолку услуги колку што би сакал да има.

– Од 360 услуги на порталот, тука имаме само три. Но. токму затоа ова денес не го гледам како крај на овој процес. Го гледам како верзија еден на новиот однос меѓу граѓанинот и државата. Следниот важен чекор е воведување мобилно плаќање првпат во Македонија, затоа што не сакаме, ако имаме електронска услуга, среде услуга да ве испратиме на националниот портал uslugi.gov.mk, таму да платите, па да се вратите назад на апликацијата. Сакаме барањето, плаќањето и добивањето на документот и на услугата да бидат дел од еден заокружен процес – истакна министерот.

Најнапреден балкански партнер

Евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека m.Uslugi е предвесник на европскиот дигитален паричник, кој е многу важен чекор во дигиталната трансформација на Европа и кој е отворен и за земјите партнери од Западен Балкан. Според него, овој паричник може да складира и документи како што се лична карта, возачка дозвола, образовни сертификати, патни исправи, па дури и банкарски информации. Евроамбасадорот рече дека дигиталниот паричник на ЕУ има потенцијал да го направи животот во Европа поповрзан, поефикасен и посигурен, а ако е внимателно спроведен, може да стане голем дел од дигиталната иднина на Европа.

– Особено тука, во Северна Македонија, која е најнапреден балкански партнер во процесот, да биде поврзана со дигиталниот паричник на ЕУ. Воведувањето на законодавството со кое се транспонираат релевантните регулативи за европски дигитален паричник за лични документи за валидација и на и одобрување електронски потписи е сочинето од неколку чекори на кои моментално работиме ние во реформската агенда и тоа е поврзано директно со спроведувањето на рамката за европски дигитален паричник за лични документи – кажа Рокас и додаде дека веќе биле постигнати некои од овие чекори во последната година и пол и дека се очекува, конечно, да завршат до декември 2027 година.

Апликацијата ќе може бесплатно да се преземе преку платформите Google Play и App Store, а корисниците, преку внесување на личните податоци и бројот на личната карта, ќе можат да ги повлечат своите дигитални документи. Идејата е со оваа апликација граѓаните постепено да добиваат сè повеќе можности да ги завршуваат административните обврски без непотребна посета на институциите, долги чекања и дополнителна документација. Со m.Uslugi, државата прави чекор кон поедноставна и подостапна администрација, во која технологијата треба да им го олесни секојдневието на граѓаните.

Пронајдете не на следниве мрежи: