На комеморативниот собир во Нови Сад, по повод втората годишнина од уривањето на бетонската натстрешница на зградата на Железничката станица, во кое загинаа 16 луѓе, денеска беше порачано дека трагедија не е соодветен збор за она што се случи на 1 ноември 2024 година, туку дека станува збор за убиство, објави „Н1“.
– Не, трагедијата опишува несреќа, случаен настан, а зад овој збор вешто може да се сокрие зборот што сите го бараме, а тоа е одговорност. Затоа не ги затворивме очите и не премолчевме. Настанот што сите нè потресе до срж не е трагедија, не е несреќа, не е случајност. Тоа е убиство, а убиството бара виновник, бара одговорност и бара правда – изјави говорничката.
Таа потсети дека, откако изостана одговорноста, студентите и граѓаните одлучиле да го кренат својот глас, најпрво преку молк. Молчеле на крстосниците, им оддавале почит на жртвите излегувајќи од автомобилите и од работните места, стоејќи на мостовите и на патиштата.
– Возевме велосипеди, пешачевме и трчавме, а на 22 декември 2024 година, 100.000 луѓе на Славија молчеа заедно. Низ нашиот молк се чувствуваше сета наша тага за загинатите, но и нашата љубов кон Србија, кон нејзините жители, кон сите нас. Никогаш да не се повтори и виновниците да одговараат за злосторството што го извршија – истакна таа.
Жртвите од уривањето на натстрешницата
Тој ден под тоните бетон загинаа Сара Фириќ (6), Валентина Фириќ (10) и Ѓорѓе Фириќ (53) од Ковиљ, како и Милица Адамовиќ (6), Сања Ќириќ Арбутина (35) и Милева Карановиќ (76), сите од Каќ.
Загинаа и Немања Комар (17) од Степановиќево, Милош Милосављевиќ (21) од Книќанин, Стефан Хрка (27) од Белград, Анѓела Руман (20) од Стара Пазова, Горанка Раца (58) од Нови Сад, Ѓуро Швоња (77) од Степановиќево, Вукашин Раковиќ (69) од Буковац и македонскиот државјанин Васко Саздовски (46).
Ања Радоњиќ (24) од Параќин почина од последиците на тешките повреди во болница на 17 ноември 2024 година, а Вукашин Црнчевиќ (18) од Змаево на 21 март 2025 година.
Теодора Мартинко ја преживеа несреќата, но заврши со тешки повреди.
Студентите останаа истрајни и покрај нападите и тепањата
Говорничката истакна дека студентите и граѓаните останале истрајни и покрај навредите, нападите, тепањата и налетувањата со автомобили врз нив, бидејќи знаеле дека правдата мора да биде задоволена.
– Правдата ќе биде задоволена бидејќи убиството бара виновник, а одговорните пред судот ќе објаснат зошто ја завија нашата земја во црно. Ние никогаш нема да заборавиме и затоа на секоја годишнина, во сите градови, во 11:52 часот ќе се собираме и со заеднички молк ќе порачаме дека загинатите се сакани, запаметени и никогаш непрежалени – порача говорничката.
Според неа, студентите и граѓаните со својот пример ќе покажат дека се подготвени и одговорни да создадат подобро, посреќно и поправедно општество, во кое никогаш повеќе нема да има потреба институциите да се повикуваат да си ја вршат работата и во кое ниту еден човек нема да загине поради корупција.
По шеснаесетминутниот молк, со кој им беше оддадена почит на загинатите, хорот ја изведе песната „Цвета црешата во планината“, а беа рецитирани и песните „Пофалба на светот“ од Бранко Миљковиќ и „Што те нема“ од Алекса Шантиќ.
На крајот од комеморативниот собир, студентите од сите универзитети во Србија положија венци од бели цвеќиња во спомен на 16-те загинати при уривањето на натстрешницата, додека граѓаните оставаа цвеќиња и палеа свеќи.



