Драма на летот за Софија: Дојава за бомба во авион на „Виз ер“, интервенирал борбен авион

Патнички авион на авиокомпанијата „Виз ер“ (Wizz Air), кој сообраќал на релацијата Лондон – Софија, денеска, 2 ноември, бил принуден да ја промени својата маршрута и да слета на меѓународниот аеродром „Ференц Лист“ во Будимпешта, откако била примена дојава за поставена бомба.

Информацијата ја потврдил унгарскиот министер за одбрана, Ромулус Русин-Сенди, кој соопштил дека поради сериозноста на заканата бил активиран системот за воздушна одбрана на НАТО.

Авионот, од типот „Ербас А321нео“, се наоѓал над Босна и Херцеговина кога ја променил насоката на движење и се упатил кон Будимпешта.

По добивањето на информацијата за можна експлозивна направа, НАТО издал предупредување од највисок оперативен приоритет за итна реакција, познато како „АЛФА“.

Унгарските вооружени сили веднаш испратиле борбен авион „Грипен“, кој го придружувал патничкиот авион и го обезбедувал неговото безбедно слетување.

Авионот на „Виз ер“ безбедно слетал во Будимпешта околу 12:08 часот по локално време.

На аеродромот веќе биле распоредени противпожарни екипи, полициски службеници и припадници на антитерористичките единици, кои биле подготвени да интервенираат доколку се појави опасност.

По слетувањето, авионот бил пренасочен кон посебна позиција на аеродромот, каде што започнале безбедносните проверки.

Од авиокомпанијата „Виз ер“ за унгарскиот портал 24.hu потврдиле дека надлежните служби вршат безбедносен преглед на авионот и патниците.

За време на интервенцијата, една од пистите на аеродромот во Будимпешта била привремено затворена, додека останатиот авионски сообраќај се одвивал преку другата писта.

По успешното слетување на патничкиот авион, унгарскиот борбен авион „Грипен“ се вратил во својата воена база во Кечкемет, а понатамошното постапување го презела полицијата.

Унгарскиот министер за одбрана истакнал дека воздушните сили реагирале во рок од неколку минути и дека безбедноста на патниците и воздушниот простор била приоритет.

Засега нема официјални информации дали при проверката е пронајдена експлозивна направа, ниту кој ја испратил заканата.

Надлежните служби продолжуваат со проверките и утврдувањето на околностите под кои била примена дојавата за бомба.

Пронајдете не на следниве мрежи: