Европската комисија претстави нови насоки со кои ги повикува граѓаните на Европската Унија подобро да се подготват за вонредни ситуации и катастрофи. Тоа подразбира обезбедување залихи од храна, вода и основни потреби доволни за преживување во првите три дена, додека не пристигне организирана помош од надлежните служби.
Насоките беа претставени на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел од европската комесарка за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб. Таа истакна дека во кризна ситуација првите часови се одлучувачки и дека секој граѓанин треба да знае како да го заштити своето семејство и да им помогне на другите. Подготовките, нагласи таа, почнуваат во домовите, училиштата и локалните заедници.
Ранец за евакуација и залихи за 72 часа
Главниот акцент во препораките е ставен на можноста граѓаните самостојно да се грижат за основните потреби во текот на три дена. Комисијата советува домаќинствата да имаат подготвени основни залихи, како и однапред спакувана торба или ранец за итни случаи, со најнеопходните работи во случај на брза евакуација.
Целта е граѓаните да можат да ги задоволат основните потреби додека системот за помош не почне целосно да функционира на терен.
Покрај подготовката на залихи за домаќинствата, насоките опфаќаат уште три важни области: воведување едукација за кризни ситуации во градинките и основните училишта, преку активности приспособени на возраста и без предизвикување страв; посебни мерки за заштита на лицата со попреченост, за никој да не биде изоставен; како и појасно и побрзо информирање на јавноста за опасностите од страна на надлежните органи.
Од 2027 година се воведува Европски ден на подготвеноста
Европската комисија предложи и воведување официјален Европски ден на подготвеноста, кој секоја година би се одбележувал на 23 октомври, почнувајќи од 2027 година.
Датумот е избран затоа што на тој ден во 2001 година бил основан Европскиот механизам за цивилна заштита. Целта е граѓаните и локалните власти да се поттикнат редовно да спроведуваат вежби и да ја подигнуваат свеста за можните опасности.
Предлогот произлегол и од препораките на панелот на европски граѓани, во кој 150 жители од сите земји членки на Унијата побарале поголемо вклучување на јавноста во системите за заштита и спасување.
Стрес-тестови за службите за цивилна заштита
Покрај упатствата за граѓаните, Брисел објави и препораки за земјите членки за спроведување редовни стрес-тестови и изработка на планови за непрекинато функционирање на службите.
Од националните центри за цивилна заштита се бара да обезбедат непречена работа и координација на помошта 24 часа дневно, дури и во услови на сериозни нарушувања, како што се прекини во снабдувањето со електрична енергија, пад на комуникациските мрежи или сајбер-напади.
Иако новите насоки не се правно обврзувачки, тие се важен дел од пошироката европска стратегија за зајакнување на отпорноста на кризи.
Стратегијата се надоврзува на минатогодишниот извештај на поранешниот фински претседател Саули Нинисте, во кој беше предупредено дека Европа, поради сè почестите климатски непогоди и геополитичките закани, мора да изгради култура на подготвеност во сите делови на општеството.



