Во Абу Даби денеска почнува нова рунда трилатерални разговори меѓу Русија, Украина и САД, со цел да се направи напредок кон завршување на војната. Преговорите ќе траат два дена, а ова е прва средба во ваков формат од февруари годинава.
Американската делегација ќе ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Русија ќе ја претставува делегација предводена од претседателскиот советник Владимир Медински, додека украинскиот тим ќе го предводи Рустем Умеров.
Според претходно објавената агенда, разговорите ќе се фокусираат на безбедносните гаранции за Украина, повоените безбедносни аранжмани, деескалацијата на конфликтот и хуманитарните прашања. Ќе се разгледуваат и следните чекори кон постигнување мировно решение.
Европските претставници нема да учествуваат на главната трилатерална преговарачка маса. Сепак, американските пратеници треба одделно да се сретнат со претставници на Европската Унија, НАТО, Германија, Франција, Велика Британија и Италија за да разговараат за европската безбедност и гаранциите за Украина.
Москва претходно се спротивстави на директно учество на Европејците во трилатералните разговори, инсистирајќи форматот да остане меѓу трите страни. Европските престолнини, пак, бараат да бидат вклучени во разговорите за безбедносната архитектура на континентот.
И покрај обновувањето на дипломатскиот процес, позициите на Москва и Киев и натаму се разликуваат, особено околу територијалните прашања и безбедносните гаранции. Затоа, засега нема потврда дека на овие разговори може да биде постигнат конечен договор.



