Ива Михаилова тврдела дека ѝ било условено лекувањето со гостување во емисијата на Мартин Карбовски. По објавувањето на снимките, таа порача дека никој во Бугарија не ја принудувал на ништо и побара да биде оставена на мир.
Случајот со Ива Михаилова од Кочани добива нов развој откако бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави делови од тајно снимени разговори со неа, во кои таа изнесува сериозни тврдења за наводен притисок од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС).
Според објавените снимки, Михаилова му раскажува на Цанов дека од бугарските безбедносни служби ѝ било посочено оти покривањето на трошоците за нејзината рехабилитација би можело да зависи од тоа првото интервју да го даде кај новинарот Мартин Карбовски.
Таа, според разговорот, претходно имала договор за гостување кај Цанов, но во последен момент го откажала. Во снимките се слушаат и нејзини наводи дека од ДАНС ѝ било кажано дека можат да влијаат и врз прашањата што ќе ѝ бидат поставени за време на интервјуто кај Карбовски.
ДАНС ги отфрли обвинувањата
По објавувањето на снимките, бугарската Државна агенција за национална безбедност излезе со официјална реакција, категорично негирајќи дека нејзини службеници вршеле каков било притисок врз Михаилова.
Од Агенцијата соопштија дека нејзините службеници на ниту еден начин и по ниту еден повод не влијаеле врз бугарската државјанка.
Дополнително, ДАНС го оспори потеклото на објавените снимки и веродостојноста на тврдењата изнесени во нив, оценувајќи дека не е прифатливо Михаилова да биде вовлекувана во политички и медиумски пресметки.
Михаилова: Никој во Бугарија не ме принудил на ништо
По објавувањето на снимките и реакцијата на јавноста, Михаилова се огласи и преку социјалните мрежи, испраќајќи порака во која ги негира тврдењата дека била принудувана на нешто во Бугарија.
„Никој во Бугарија не ме принудил на ништо. Овде добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката на целиот бугарски народ и тоа ми дава сила секој ден“, напиша таа.
Михаилова нагласи дека не сака да биде дел од политички спорови и дека повеќе нема да ја коментира темата.
„За мене во моментов најважно е целосно да оздравам. Се лекувам и правам сè што е можно повторно нормално да застанам на нозе. Ве молам, оставете ме да оздравам во мир“, порача таа.
Се бара истрага за наводниот притисок
Случајот предизвика реакции и во бугарската политичка јавност. Копретседателите на партијата „Да, Бугарија“, Ивајло Мирчев и Божидар Божанов, побараа истрага за наводите изнесени во снимките, како и оставка од директорот на ДАНС, Пламен Тончев.
Според нивните реакции, потребно е да се утврди дали имало институционално влијание врз Михаилова и дали нејзината ситуација била користена за политички и медиумски цели.
Случајот дополнително ја отвора дебатата за односот меѓу институциите, медиумите и лицата кои се наоѓаат во ранлива животна ситуација и зависат од институционална помош.
Инаку, Ива Михаилова во октомври замина во Бугарија, и покрај забраната за напуштање на земјата. Во Основниот суд во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајната несреќа на патот Штип – Кочани, во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши.
Засега остануваат спротивставените тврдења на Михаилова изнесени во тајно снимениот разговор и нејзината подоцнежна јавна реакција, како и демантот на бугарската безбедносна агенција. Дали ќе има официјална истрага и дополнителни докази што ќе ги разјаснат околностите околу случајот, останува да се види.




