Изгледа дека претседателот на државата го направи тоа што на огромниот број Македонци им стоеше на врвот на јазикот, но малку кој, со чесни исклучоци, имаше храброст да го каже: нема мандат за какви било платформи изготвени во Албанија или во која било друга држава, ниту врз таа основа тој може да довери мандат на претставник на партија или партии за формирање влада.
Поентата е јасна: клучот за формирање влада не беа програмите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и останатите албански партии од РМ, туку платформата изготвена во Тирана, со што Албанија стана фактор во преговорите за формирање на македонската влада или, ако сакате попрецизно, конститутивен елемент во тој процес. Со тоа Иванов вторпат во последните месеци (како и во случајот со аболицијата) изречно ја презеде раководната извршна палка во државата. Друго чаре, во овој момент, очигледно нема. Или има, но другото беше да дозволи Еди Рама да ни раководи со државата, а Иванов како пензионер да си седи во вилата на Водно и да ги ужива оние можности што ги дава претседателската функција, без да води сметка за тоа што понатаму ќе се случува по улиците.
Јасно е сега дека ќе следува организиран и оркестриран напад врз него. Сорос ќе ги крене на нозе до степен на хистерија своите медиуми, а тие што не се под негова палка ќе бидат дополнително изложени на хаотичен притисок (зар некој мисли дека сосема случајни се завчера најавените истраги за „Силекс“ и „Трансмет“, чија врска се пак ТВ „Сител“ и ТВ „Нова“). Дополнително, во овој момент веќе може да се предвиди дека неколкуте западни амбасади во Скопје и нивните амбасадорите веќе ги палат црвените копчиња за аларм бидејќи, барем засега, пропаѓа планот за инсталирање на Зоран Заев како извршител и платформата на Еди Рама за поделба на Македонија како суштина, што во заднина, значи, паѓа во вода и идејата за бришење на Македонците во преговорите со Грција. Тоа што ќе следува наредните денови ќе биде трескавична пропаганда војна преку медиумите финансирани од надвор, преку нивните портали, преку платените „експерти“ и преку „Фејсбук“ каде што ВМРО-ДПМНЕ е во дефанзива, комбинирана со дипломатски притисок и со постојани закани дека повторно може да ни пуштат некои терористи од Kосово кои ќе сакаат да дојдат во Kуманово и да одржат прес-конференција со „калашникови“, како што се бранеше еден од обвинетите за тероризмот во Дива Населба.
Дополнително, СДСМ и албанските партии ќе одат на изгласување влада во Собранието без доделен мандат, но тој чин сосема јасно нема да може да добие уставна верификација имајќи предвид дека членот 1 од Уставот има неприкосновена тежина во однос на какво било толкување на членот 90. Со тоа што, се разбира, ова е само првиот чекор во таа насока. Во овие две години Уставот доживеа низа понижувања и редно е сите тие да почнат да се елиминираат зашто стратегијата за нивно толерирање се покажа контрапродуктивна.
Дарко Јаневски за Дневник
Поентата е јасна: клучот за формирање влада не беа програмите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и останатите ал