Александар Даштевски: Отпечаток е апсурд при биометриски потпис

Во овој текст ќе го изнесам моето мислење за избирачките списоци, со кои ги препорачува и експертската група на Прибе за Избирачкиот список, која главно се повикува на извештајот на ОБСЕ за изборите и констатира дека за претседателските избори биле регистрирани 1.779.572 гласачи и 1.780.128 за предвремените парламентарни изброи. Во согласност со процените на Државниот завод за статистика на Македонија вкупната популацијата е 2.065.769 луѓе (до крајот на 2013 година). ОБСЕ и претходно искажа загрижување од појавата за зголемување на Избирачкиот список споредено со вкупната популација.Ова се констатации кои не укажуваат на неправилности, туку на сомнежи дека можеби бројките во списокот не одговараат на бројот на вкупното население. Овие сомнежи доаѓаат од известувањата на опозицијата до ОБСЕ, која секогаш се сомнева дека можеби вишокот на гласови се злоупотребуваат. Според мене, тоа не е точно. Можеби во деведесеттите години имало такви проблеми, но сега тоа е надминато. Сепак, бидејќи тоа е забелешка на ОБСЕ и за да се отстранат сите сомнежи, како и за спроведување фер, слободни и демократски избори треба да се прочисти Избирачкиот список.
Списокот на промени во ИЗ што го предложи опозицијата е генерално козметички. Во него нема некои суштествени промени што би било тешко да се спроведат. Прашање е само на усогласување со власта што не верувам дека долго ќе трае.
Предлогот, да се става отпечаток на прст е апсолутно неиздржан, дотолку повеќе што во Македонија има биометриски патни исправи и лични карти, кои содржат повеќе биометриски параметри. На пример биометриски потпис кој задолжително се става во списокот за гласање, така што лесно може да се утврди дали иста личност гласала повеќе пати, а за таа личност преку потписот и личните податоци, може да се утврди и биометрискиот отпечаток на прстот. Kога сме кај овој предлог, сметам дека конечно треба да се објасни во јавноста што значат сите експерименти што беа преземани во претходните години како што се, спрејот, фломастерот и отпечатокот на прстот. Се работи за начини на обезбедување сигурност на гласање кои се користат во некои африкански земји, каде што уште не е воведена матична евиденција, па на тој начин се добиваше сигурност дека исто лице нема да гласа два или повеќе пати. Некои од тие начини беа прифаќани кај нас затоа што имаше многу лица без лични документи и постоеше групно и семејно гласање, кое патем со овие средства тешко можеше да се спречи. Но факт е дека полека се искоренува групното и семејно гласање и сега постојат и биометриски патни исправи.
Што се однесува до прочистување на избирачките списоци, сметам дека треба да се направи тим кој ќе биде предводен од член или членови на ДИK, експерти од Завод за статистика, кои ќе работат на електронска проверка на податоците, експерти од МВР кои работат на подрачјето на личните податоци и претставници на МНР кои се одговорни за податоците на гласачите во дијаспората. Тие треба да работат на споредување на податоците и бришење на исти гласачи или починати, отселени, откажани од државјанство и други до заклучување на избирачкиот список пред изборите, при што според мене ќе имаат солиден резултат. Сите други начини на прочистување на избирачкиот список би биле неизводливи, бидејќи нема доволно време. Посебно предлогот да се оди од врата до врата. За други решенија, помеѓу кои и електронско ажурирање на податоците може да се размислува по предвремените избори.
Што се однесува до предлогот на некои партии да не гласа дијаспората, сметам дека тој е апсурден и незаконски, особено во овој момент. Пред с`, кога се воведе гласање во странство, голем број од граѓаните кои беа запишани во избирачкиот список во Македонија, се префрлија во списоците во странство каде што привремено живеат.
Според тоа ќе им се одземе право на гласање и на тие кои до тогаш секако го имале . Понатаму ако одиме од фактот дека во една изборна единица има над 200.000 гласачи, во тој случај над 600.000 граѓани ќе останат без правото на глас загарантирано со член 22 од Уставот на Република Македонија, спротивно со Универзалната декларација за човековите права, Европската конвенција и демократските вредности на ЕУ, определени со Kопенхашките критериуми.
Понатаму, не може да се разговара ни за вредноста на гласовите, затоа што тоа не е законска категорија. Тоа штo во Македонија за избор на пратеник се потребни околу 8.000 гласа се определува според излезноста и се пресметува со Донтовата метода, па процентот може да биде поголем или помал, но ако се исполнети другите услови од законот, тогаш не може да се ограничува излезноста на гласање.
Kонечно, гласањето во странство постои во најголем дел од државите. Статистиките покажуваат дека секаде излезноста е мала, а дијаспората најчесто гласа за десно определените партии.
Александар Даштевски
 Извор: Дневник.мкОва се констатации кои не укажуваат на неправилности, туку на сомнежи дека можеби бројките во списокот не одговараат на бројот на вкупното населени

Пронајдете не на следниве мрежи: