Овој скопски магионичар нема именик, сите броеви му се во глава

Идејата на техниките кои ги користи менталистот не е само да фати некого во лага, да открие некоја тајна од потсвеста на соговорникот, туку со овие техники може и да се мотивираат луѓето да престанат да пушат или да направат нешто од својот живот наместо по цел ден да пијат кафе и да се излежуваат, вели Душан Петковски, менталист, експерт за меморирање и магионичар, пишува Вечер.Магионичар, и менталист – збор кој на многумина не им е јасен. За што всушност се работи?
– Ментализам е област што се занимава со читање на мислите, односно со психологија. Се работи всушност за техники, со кои можеме да проникнеме во потсвеста и да натераме некого да открие нешто од својата потсвест што не би го открил при нормална интеракција.
Американците снимија серија “Менталист”, во која главниот лик успешно помага во решавање на сложени случаи на убиства. Сметаш ли дека ова е реално?
Навистина постојат и можат да се користат не само за истраги, туку и во секојдневната интеракција со луѓето. Тоа се техники на НЛП, (невро-лингвистичко програмирање) каде со говор и допири во комуникацијата може да откриеме навистина многу работи од потсвеста на соговорникот. Може да откриеме некоја тајна, да го фатиме кога лаже, да изнудиме некој одговор…
Дали можеш да откриеш кога тебе те лажат?
– Да, секако, и техниките што ги научив ги применувам во секојдневниот живот, иако всушност нема многу луѓе кои би ме излажале, бидејќи сум во градот познат како човек кој се бави со овие работи. Затоа често ги предупредуваат моите соговорници, “Подобро не го лажете дечкото, ќе ве открие”. Се случува често луѓето да бидат и многу резервирани во комуникација со мене кога ќе дознаат со што се занимавам…
Колку оваа способност за да проникнеш во психата на луѓето ти помага кога девојките се во прашање?
– Мора да признаам дека сега веќе не ги користам бидејќи имам сериозна врска, но порано ги користев и навистина помага. Сепак, не е идејата само да фатите некого во лага или да му се допаднете некому, туку со овие техники може да се мотивираат луѓето, на пример, да престанат да пушат или да направат нешто од својот живот наместо по цел ден да пијат кафе и да се излежуваат.

Всушност, не те прашавме што те натера да се занимаваш со психологијата на луѓето?
– Студирам програмирање, последна го а година сум, но покрај ова веќе седум години сум и магионичар. Правејќи трикови со карти и работејќи со луѓето беше неопходно да се вдлабочам малку во сферата на психологијата. Сите тие трикови би имале поголем ефект кога би знаеле како да ги продадеме, да ги презентираме и изнудиме емоционална реакција од публиката. Исто така, ги научив и техниките за подобрување на меморијата. Тргнав од тоа да можам да меморирам цел шпил карти и после увидов дека овие техники всушност можам да ги користам и за друго. За памтење на огромна низа од броеви, зборови… Ова го демонстрирав и на Електротехничкиот факултет каде го изрецитирав бројот Пи до неговата илјадита децимала.
Немам именик, сите броеви ми се во глава
 Техниките за меморирање што ги научив навистина беа добредојдени и при учењето, но ми користеа и за лично задоволство. Немам именик во телефонот, сите имиња и броеви ми се во главата. Не ми треба потсетник кога треба да купувам. Моите знаат да ме прашаат каде е некој предмет кога ќе заборават каде е оставен… Техниките кои ги научив ми станаа инстинкт и веќе можам да ги користам во кое било време.
Извор:think.mk
 Магионичар, и менталист – збор кој на многумина не им е јасен. За што всушност се работи?

Пронајдете не на следниве мрежи: