АНДОВ: Kонстатирам дека Љубиша Георгиевски е избран за претседател на Собранието

Во согласност со Деловникот, стриктно запазени процедури, расправа по предлогот за новиот претседател и церемонијал на примопредавање на должноста, вака изгледаше изборот на Љубиша Георгиевски за прв човек на законодавниот дом на 1 август 2006 година кога власта премина од СДСМ во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Дневник.Преседанот со избирањето на Талат Џафери во четвртокот ни оддалеку не се спроведе како што е правно предвидено, а уште помалку како што прилега на една голема свеченост од ваков тип и засекогаш останува темен белег за што не постојат ниту стенограмски докази.
А според стенограмите, изборот на Георгиевски се случува на продолжението од конститутивната седница откако претходно се водеше долга собраниска дебата во врска со составот на верификационата комисија. Седницата ја води најстариот пратеник, во моментот Стојан Андов, кој откако ги поздравува пратениците и информира кој од нив му јавил дека оправдано нема да присуствува, го повикува претседателот на комисијата, тогаш Трајко Вељаноски, да ја образложи кандидатурата на Георгиевски. Наспроти оваа слика, изборот на Џафери пред неколку дена се случуваше меѓу собраниските столчиња, по завршување на седницата, без пратениците воопшто и да знаат што ќе се случува, а уште помалку, пак, пред себе да ја имаат на увид кандидатурата како што тоа беше случај со изборот на Георгиевски.
„Отворам претрес…“ По кусото излагање на Вељаноски, Андов според деловничките процедури отвора претрес.
– Отворам претрес по предлогот за избор на претседател на Собранието на Република Македонија. Молам, кој бара збор? Има збор пратеникот Никола Ќуркчиев – вели Андов.
Веднаш по ова, следува долга расправа, на моменти тензична, со критики, но и изразена почит кон искуството на Георгиевски – процедурална и политички коректна атмосфера која ни оддалеку не беше почитувана изминатиот четврток кога ниту имаше услови за расправа ниту, пак, таа се одржа. Уште веднаш Ќуркчиев од говорницата порача оти СДСМ ќе остане воздржан за изборот на Георгиевски.
– Парламентарното мнозинство е дефинирано и со тоа ирелевантно е прашањето дали СДСМ ќе го поддржи или не изборот за претседател на Собранието. СДСМ сега има нова улога, улога на критичар и наша заложба ќе биде таа улога да биде на објективни основи, конструктивна и во интерес на државата и граѓаните. Од овие причини СДСМ, парламентарната група, ќе биде воздржана – нагласи Ќуркчиев.
По него се обратија неколкумина пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, по што расправата станува потензична, особено кога за збор се јавува Мендух Тачи од ДПА. Тој изразува поддршка за предлогот за Георгиевски
– Почитуваниот професор има голем придонес во развојот на културните вредности на Албанците. Тој има направено режија на многу дела на албански интелектуалци. Да спомнам еден бидејќи не сум лице од културата, а другите имаат повеќе информации во оваа насока, како делото на почитуваниот академик Реџеб Чосе, „Живата свинга“, за што режија направи почитуваниот професор. Од друга страна, ја користам можноста на сите пратеници да им посакам, особено на пратениците Македонци утрешниот празник, и на парламентот да му посакам успех во работата. Значи, ДПА стои зад кандидатурата на професорот, т.е. господинот, како претседател на парламентот – вели Тачи.
Георгиевски избран со 89 гласа „за“ Од неговиот говор беше испровоциран Владо Бучковски.
– Ако пред 12 години господинот Љубиша Георгиевски говореше нешто друго за Албанците, сакаше да им ги сече канџите, а денеска ветува дека ќе биде маникир или педикир, јас би рекол според ова што го говори господинот Мендух Тачи, се радувам ако биде така. Мислам дека неговото искуство што го има, драгоцено искуство, му покажа дека и самиот од своето однесување треба да извлекува некои поуки. Особено сега кога Македонија се наоѓа во клучниот период за својата иднина – порача Бучковски.
Следуваа уште неколку пораки од говорницата, но набргу завршија по што претседавачот повторно ги праша пратениците дали уште некој се пријавува за збор и откако констатира дека нема кандидати, го заклучи претресот.
– Во согласност со член 67, став 1 од Уставот на Република Македонија и член 24, став 1 од Деловникот, Собранието од редот на пратениците избира претседател на Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието. Преминуваме на гласање. Предлогот, пратеникот Љубиша Георгиевски да биде избран за претседател на Собранието на Република Македонија, го ставам на гласање. Ве повикувам да гласаме – им се обрати Андов на пратениците.
По гласањето од страна на 86 пратеници, Георгиевски беше избран со 69 гласа „за“, 17 воздржани и ниту еден „против“. Веднаш по гласањето, Андов им се обраќа на претседателот и на членовите на Владата кои се избрани и за пратеници да се произнесат во врска со Георгиевски со кревање рака. Kога е констатирано дека никој од нив не е „против“, ниту „воздржан“, Андов соопштува дека со 89 пратеници поддршка Љубиша Георгиевски е новиот прв човек на законодавниот дом.
– Kонстатирам дека Љубиша Георгиевски е избран за претседател на Собранието на Република Македонија. Дами и господа пратеници, почитувани гости, дозволете ми во ваше и во мое име на господинот Љубиша Георгиевски да му го честитам изборот за претседател на Собранието на Република Македонија и да му посакам успех во работата – вели Андов додека присутните аплаудираат.
По ова, претседавачот ги замолува сите присутни да станат од своите седишта и да ја проследат свечената изјава на новоизбраниот претседател на законодавниот дом, а веднаш потоа го кани да седне во претседателската фотелја и да продолжи да ја води седницата до самиот крај. Ете така беше избран новиот претседател на Собранието на РМ во 2006 година.Преседанот со избирањето на Талат Џафери во четвртокот ни оддалеку не се спроведе како што е правно предвидено, а уште помалку како што прилега на

Пронајдете не на следниве мрежи: