Бисер на југот од Македонија: Дојран никогаш почист!

Топлото време идеално за на плажа и утро во главниот град кое најавуваше жежок јулски ден беа мотив на новинари од нашиот портал да тргнат во потрага по сторија во некое од туристичките места во нашата држава.  По последните  написи за Дојран, решивме денешна дестинација да ни биде така нарекуваниот “бисер на југот од Македонија”.
И навистина, бисер во вистинска смисла на зборот. Навидум совршен. Ја забележавме пешачката патека уште на влезот во Нов Дојран, каде пред завршетокот на ова населено место прераснува во пешачко – велосипедска патека. Возејќи со автомобилот, стигнавме и до центарот на Стар Дојран, а патеката се уште не беше завршена. Прашавме и ни кажаа дека се протега се до границата со Р. Грција. Прекрасно. Совршено за долги, долги  прошетки, спортување или велосипедизам покрај езерото. Долга и чиста, прекрасно хортикултурно уредена, знамиња кои најавуваат “Дојран – град на култура” и богато културно лето се веат на секој чекор по патеката. Рај за очи, радост за душа. Леандри и палми од двете страни на патот ја дополнуваат совршената слика, потсетуваат дека уживате во медитеранската клима.

Во главното туристичко место на Општина Дојран, Стар Дојран, центарот на градот, полн со туристи, седнати под сенките на со векови старите јавори ги раскажуваат последните случувања кои ги слушнале за Дојранското Езеро. Неколкумина пливачи на Градската плажа, повеќе во базенот од познатиот хотел на брегот од езерото. Среќни што го поминуваат своето слободно време на брегот на едно од нашите најубави природни езера, но со двоумење дали да се капат.

Долгопосакуваната желба на дојранци за враќање на водата во езерото – конечно исполнета, вода на некогашното ниво, дури и повеќе од тоа. Сепак, иронија – наглите врнежи од дожд и експресното полнење на езерото со вода негативно се одразиле на живиот свет во езерото, а со тоа и на исправноста на водата. Сепак, природата е таа која го има главниот збор, а против неа никој ништо не може.
По објавувањето на веста од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за наводната бактериолошка неисправност, разговаравме со граѓани и посетители на Дојран.

“Роден сум во Дојран, крстен сум во Дојранското Езеро, пливам во него веќе педесет години. Првиот летен сончев зрак го користам за да се нурнам во езерото, сум се бањал во него пред десетина години кога беше кажано дека езерото поминува низ катастрофа. Тогаш се  сончав на изумрените и боцкави школки и гледав  мртви риби на брегот. Денес, водата никогаш не била почиста и побистра, плажите никогаш не биле посредени и поубави. Не знам кому му оди во прилог ова што се зборува. Јас, лично, не верувам дека водата не чини. Сум се бањал овде целиот мој живот и ќе го правам истото додека сум жив. Никој нема да ме убеди дека моето езеро е неисправно.”, вели жител на Стар Дојран.

“Во Дојран го најдовме спасот за нашето дете кое имаше проблеми со астма. Доаѓаме овде секое лето. Изнајмуваме чамец и се капеме подалеку од брегот. Уживаме во Дојран. Слушнавме за гласините за неисправноста на водата, но ќе ги игнорираме, затоа што нашето лично позитивно искуство со синот е она кое не носи на одмор токму во овој град. За моето семејство Дојранското Езеро е благодет.”, вели туристка од Источна Македонија.

И навистина, водата навидум изгледа чисто, се гледаат каменчињата и песокот на дното од езерото, плажите се песочни и убаво уредени. Крајбрежјето е совршено уредено, онака како што доликува на туристички центар, лежалки има во изобилие, а како што велат мештаните рибата никогаш не била повкусна.

 
“Во целата чудна моментална ситуација во државата, се прашувам дали и ова со езерото е дел од моменталната негативна кампања на поединци.”, кажуваат група пензионери кои организирано дошле во посета на Дојран.
По одговор се упативме и во Општина Дојран, од таму Градоначалникот Борче Стамов ни одговори:
“Дојранското Езеро еколошки било и во полоша ситуација, никој никогаш нема да ја заборави еколошката катастрофа која му се закануваше на езерото, а со тоа и на градот, никој нема да ги заборави изумрените риби, школки и алгите кои атрофираа. Мештаните и туристи дури и тогаш се капеа во езерото, но медиумите во тоа време не беа толку заинтересирани за приказни од Дојран и сето тоа поминуваше незабележано. Сега кога Дојран е интересен и атрактивен, кога се поголем број домашни и странски туристи доашаат да го посетат – ни се случува ова.      
  Сепак, ќе ја почитуваме препораката од  Државниот здравствен и санитарен инспекторат за забраната за капење на наведените плажи.
Јас можам само да додадам дека Дојран ќе има успешна туристичка сезона, целосно сме подготвени да одговориме на предизвиците, без разлика од чија адреса стигнуваат.”
Постетата на Дојран ја искористивме да ја видиме и црквата Св. Илија која е во напредна фаза од реставрирањето. Внатрешниот дел, целиот покриен со мермер плени со убавина. Воодушевува природната акустика. Граѓаните кои ги затекнавме во црквата велат дека се повеќе млади двојки одлучуваат црковниот брак да го склопат токму во црквата св. Илија. Исто така, велат дека едвај чекаат комплетно да се заврши реставрацијата за Дојран да го добие назад своето некогашно ремек дело. Голем дел од концертите предвидени во програмата на Дојранско културно лето ќе се случат токму овде, најавуваат од општината.

Манастирот Марија Магдалена и саат кулата истро така се вредни за посета. Сепак, она кое ја воодушеви нашата новинарска екипа беа кулинарските вештини на мајсторите на кујната во локалниот ресторан каде отседнавме. Пријатна атмосфера и свежо подготвен дојрански крап беа совршена комбинација за крај на нашиот работен ден и посетата на Дојран.

Сопственикот на ресторанот на прашањето за новонастанатата ситуација со езерото кратко ни одговори: “Наназад низ годините сум слушал многу негативни работи за Дојран, кажани од најразлични причини и најразлични луѓе, верувајте, оние кои знаат што е добро доаѓаат во Дојран. Не биле залудни сите оние битки кои се воделе тука, војни се водат за места кои вредат, а Дојран е такво место. Живеам од Дојран и за него, никој нема да ме убеди дека езерото кое создава живот самото во себе, но и дава живот на толку многу луѓе е неисправно.”
Заклучивме дека кога ќе ја увидите ситуацијата на терен работите стануваат многу појасни. Дојран е град кој се сака, Дојранското Езеро не е само уште едно езеро во Македонија, тоа е живот, тоа е надеж и спокој за дојранци, тоа е лек и еликсир за туристите, одмор за патниците кои транзитираат и љубов за оние кои се навлечени на него.

 
  По последните  написи за Дојран, решивме денешна дестинација да ни биде така нарекуваниот “бисер на југот од Македонија&

Пронајдете не на следниве мрежи: