Бог и правото се со нас! Да живее Македонија!

Ваков народ кој има вакви синови никогаш нема да исчезне. „Бог и правото се со нас! Да живее Македонија!Откако заклучиле дека ситуацијата во Округот е зрела за востание, Главниот Штаб на округот на 26 јули 1903 година на врвот Победоносец над Смилево, Битолско, донел Решение за објавување на востанието. Во Прогласот кој бил издаден на 26 јули 1903 година за ден на востанието бил определен 2 август, на празникот Илинден. Истовремено до големите сили била упатена Декларација на Внатрешната организација за почетокот на востанието.
Крушевската револуционерна околија му била доверена од Битолскиот окружен револуционерен комитет на Никола Карев. Во штабот на Крушевскиот реон покрај Никола Карев се наоѓаат Тома Никлев, Тодор Христов и Антиноген Хаџов. Пред почетокот на нападот штабот на Крушевскиот реон на чело со Никола Карев испратил проглас до раководителите на Околискиот револуционерен комитет, до одговорнитe на воените групи, како и до народот на крушевскиот револуционерен реон. Во прогласот кој потпишан од Питу Гули, Иван Алабакот, Андреја Димов, Ѓурчин Наумов и Ташко Карев се вели:
„Браќа, брзаме да ве поздравиме со востанието! Денеска цела Крушевска околија заедно со цела Македонија дигна востание и викна: Долу тиранијата! Да живее слободата и братството меѓу македонските народности! Камбаните на секаде бијат, народот со чудна радост се прибира под знамето на слободата. Момите и невестите ги китат со цвеќиња главите и пушките на востаниците! Насекаде песни, радост и веселби. Гориме од нетрпеливост и чекаме ноќ, за да дојдеме и да го преземеме Крушево, та заедно, со целиот народ, да го извикнеме победоносното македонско ура! Бог и правото се со нас! Да живее Македонија!“
Нападот на Крушево започнал ноќта на 2 август 1903 година, според одлуката и планот,  распоредот на силите и заземањето на позициите биле изведени благовремено и незабележано од турските власти. Првиот истрел го истрелал востаникот Вангел Топузов, а одредот на Андреа Димов целосно ги исполнил добиените задачи. Отпорот на жандармеријата во уќуматот бил совладан и зградата заземена, додека службениците се предале без отпор, а целата архива била запалена. Исто така  персоналот на поштата не давал отпор, како и двајцата офицери кои живееле во куќата на Коста Стојанов. Жилав отпор давале даночниците кои не сакале да се предадат, па загинале сите до еден. Одредот на Иван Алабакот наишол на силен и организиран отпор од аскерот во касарната, предводен од поручникот Сулејман Али. Бидејќи сам не можел да ги совлада војниците, Штабот ја ангажирал својата резерва која била формирана од дел на одредот на Питу Гули. …По 13-14 часовна борба, отпорот на аскерот бил скршен. Биле заробени деветмина војници, а 17 на чело со старешината успеале да се извлечат од обрачот и да избегаат во турското село Алданци, во правец на Прилеп. Во овие борби паднале осуммина востаници, а 16 востаници и граѓани биле ранети.
На 3 август 1903 година, градот бил ослободен од турската власт. Околу пладне Штабот на востаниците  влегол во Крушево, пречекан свечено. Попладнето биле свикани на советување околу 60 души првенци за да изберат управа за ослободената околија. По кратки советувања се реши да се создаде Привремена влада и за таа цел беа избрани шест души претставници на трите големи народности во градот. Во неа влегуваат: Дину Вангели, претседател и раководител на судството; Ѓорѓи Чаче, секретар и раководител на реквизицијата; Теохар Нешков, благајник и раководител на финансиите; Христо П. Ќурчиев градоначалник и раководител на полицијата; Димитар Секулов, раководител на прехраната и производството и Никола Баљу, раководител на санитетот. Помошници му биле лекарите д-р Димко и д-р Батал, а Питу Берберо и Гушу Пендифранга им помагаа како кираџии и лекарски помошници. Како главни помошници Привремената влада ги имала раководителите на Крушевскиот комитет Григор Божинов и Тодор Павлов и трговецот Ѓорче Тренков.
Привремната влада имала за задача да го зачува нормалниот економски живот на градот; да собира по реквизициски пат храна за исхрана на востаниците и населението во градот и во околијата; да реквирира материјали за облека и опинци за востаниците и за милитаризираните граѓани, како и материјали за нивното вооружување; да се грижи за ранетите и разболени востаници, граѓани и селани; да казнува провинети граѓани; да чува ред и мир во градот и сл. Привремената влада заседавала во централно училиште, над кое се развивало црвенокрвавото знаме на Револуцијата.
Веднаш по превземањето на власта, Привремената влада, со цел да го привлече целото население во околијата на своја страна му се обратила со манифест, познат како „Крушефски манифест“. Во овој манифест кој преставува Декларација за целите на македонската револуција, се дојдени до полн израз државотворните гледишта на востанатиот македонски народ за создавање на македонска држава.
Ненадејното и ефикасно дејство на македонските револуционери кои ја создадоа Крушевската република во првите моменти ги изненади Турците. Но, тие брзо реагирале и веќе истиот ден ангажирале делови од третиот полк од Прилеп, како и турскиот и албанскиот башибозук од Крушевскиот регион. Околу 300 војници и башибозуци, биле упатени на Крушево. Кај Спилите и Калето, турските сили биле дочекани од одредот на Марко Христов-Мирче. По 15 часовна борба, турските војници кои имале жртви биле приморани да се повлечат. Исто така, османска војска поддржана од арнаутскиот башибозук извршила силен напад од селото Норово на позициите кај „Бела Вода“ што ги бранел одредот на Ѓурчин војвода. По двочасовната борба и по загубата од девет војници османските сили биле приморани да се повлечат.
Следните денови напади биле извршени од правецот на „Муратова Чешма“ и на секторот „Дели Камен“ кај селото Арилево, каде што бил префрлен одредот на Ѓурчин Наумов. Некои од овие позиции биле по неколку пати напаѓани од регуларна османска војска, од башибозучки сили со комбинирани сили. Поради тоа некои од востаничките одреди биле приморани да ги менуваат своите позиции. Во борба во движење особено бил ангажиран одредот на Ѓурчин Наумов.
На 4 август 1903 година се води борба во кичевското село Карбуница, една од најжестоките борби за време на Илинденското востание. Во утринските часови еден баталјон редовна војска со 800 души и башибозукот од околните албански села го нападнале селото Карбуница, кое го бранат околу 200 востаници предводени од војводата Арсо Мицков. Дури околу пладне противникот успеал да го заземе селото, а борбите се пренеле на веќе подготвени позиции кај месноста Ѓурѓевица, каде што во меѓувреме пристигнале уште 350 востаници од Горна и од Долна Копачка. На повикот за помош пристигнале војводата Јорда Пиперката и Димитар Дечев кои ја предводеле Демирхисарската реонска чета, засилена со селани (околу 150 востаници). Помошта пристигнала во моментот кога на противникот му стигнала помош од кичевскиот гарнизон и одморни толпи албански башибозук. Во борбите кои започнале веднаш учествувале 700 македонски востаници и 1500 турска војска и албанскиот башибозук. По кусите престрелки, борбата продолжила гради в гради, а македонските востаници иако неискусни, покажале чудесна храброст. По дванаестчасовната борба, во која востаници имале 30 мртви и ранети, а турската војска и албанскиот башибозук имале 120 загинати и ранети, војската се повлекла во Кичево, а башибозукот се скрил по шумите.
До масовно дигање на востанието дошло и во другите краеви на Македонија. Во Костурскиот револуционерен реон на 4 август 1903 година востаниците го зазеле Клисура, а на 12 август еден востанички одред од 700 души ја завзел Невеска, што претставуваат значајни победи на Костурските востаници. Значајни акции има и во Леринската околија, каде 2.000 востаници ја разрушиле железничката линија кај Екши-Су. Борби со поголем или помал интензитет се водат во Охридско, Прилепско и во другите  револуционерни реони. Во целина во Илинденското востание се покажала масовноста и херојството на македонкиот народ, што на востанието му дава демократски карактер.
Во меѓувреме, турските власти вршат масовна концентрација на војска во Македонија. Набргу потоа огромната воена сила (167.000 пешадија, 3.700 коњаница и 444 топови), презема систематски и безобзирни напади кои имаат за задача да ги уништат жариштата на востанието. Во Битолскиот округ прва цел на ударот било Смилево, селото во кое се одржа окружниот конгрес, потоа Крушево и останатите слободни територии. Командата за напад на Крушево му била доверена на Бахтијар паша.
Со околу 20-илјадна армија, тој го опколил градот од сите страни. Против него застанале 1.200 востаници, готови до еден да ги положат животите во одбрана на Републиката. Борбите за градот почнале на 12 август и траеле цел ден. Притиснати од сите страни од огромната војска, подложени на жестоко артилериско бомбардирање, востаниците биле принудени да го напуштат градот.
Меѓутоа, малата востаничка војска јуначки им се спротивставила на сите напади. Особено жестоки борби биле водени кај месностите Слива и Мечкин Камен.
Одредот на војводите Ѓорги Стојанов и Диме Смугрев ја имале најтешката задача. Тие ги бранеле позициите на проодот „Слива“, каде што го штителе повлекувањето на населението кон гората. Тие позиции се сметале за најважни за одбраната на Крушево. Тој одред имал задача да ја задржи османската војска се` додека населението и останатите одреди не се повлечат од Крушево кон гората. Позициите биле уредени со длабоко ископани ровови. Околу триилјадна војска ги напаѓала позициите на „Слива“ во повеќе бранови. Стојанов и Смугрев ги куражеле борците иако при секој напад се проредувале. Со песна и оган, со пцовка и клетва јунаците со часови ги задржувале Турците. За тоа време населението веќе се повлекло. Иван Алабакот бил последен со одредот и тој го повикал Стојанов да го повлече својот одред. Една десетина од одредот се повлекла, меѓутоа, османската војска веќе била на самите позиции. Ѓорги Стојанов со 40 востаници меѓу кои и една девојка во брсјачка народна носија ги бранеле позициите до последниот куршум, и на крајот последните девет востаници со последниот куршум се самоубиле и со саможртвување влегле во незаборавот. По наредба на офицерот, војската откако поминала покрај мртвите тела на востаниците, во знак на почит кон храбрите јунаци по еден истрел испукале во воздух.
На Мечкин Камен, исто така започнала тешка борба. Питу Гули демонстративно го напуштил војводскиот совет и ја отфрлил наредбата да се повлече од позициите. Негова одлука била да се бори за градот до крај без оглед на жртвите што ќе бидат дадени, во согласност со ставот „Нема ли слобода – има смрт“! Одржал говор на своите борци, ги потсетил на дадената клетва, а потоа ги распоредил по платото на Мечкин Камен. Војската и башибозукот на Мечкин Камен напаѓале од три страни: од Бирино, од Журче и од Острилци. Неколку напади биле одбиени. Бојот се развил на 13 август 1903 година приквечер. Забоденото востаничко знаме високо се виорело. Покрај него прво паднал знаменосецот Горѓи Димев, потоа со куршум бил погоден неговиот заменик Смугрев. Знамето било со неколку куршуми пробушено. Пушката манлихера на Питу Гули била скршена од еден куршум, а потоа и војводата бил погоден и паднал со зборовите: „Не бојте се, момчиња“! Вечерта кон 7 часот запрело пукањето. Започнала борба гради в гради, со кундаци, со ножеви, со камења, гуша за гуша. Во таа бркотница три востанички групи се пробиле кон блиската шума. Околу 8 часот вечерта, ситуацијата на Мечкин Камен се смирила. Околу 40 мртви тела лежеле на платото, меѓу нив и телото на војводата Питу Гули. Во наредните три дена османската војска и башибозукот грабеле и палеле, резилеле и убивале. Биле убиени 139 лица, ограбени 217 куќи и 210 дуќани, 165 жени и моми биле обезчестени, а обездомени 1170 луѓе. Вкупно штета изнесувала 80.000 златни лири. Бахтијар-паша по повлекувањето на главнината во Крушево оставил еден полк војска распоредена по куќите.
Со тоа бил ставен крај на најзначајната рожба на револуцијата Крушевската Република. По ликвидирањето на слободното Крушево, турската војска систематски, со тешки борби ги ликвидирала и другите востанички центри во Битолскиот округ. Цели два и пол месеци на територијата на Македонија се водела жестока војна меѓу голоракиот македонски народ и до заби вооружената многуилјадна турска војска. Светот бил сведок на една жестока самоубиствена борба, во која македонскиот народ со невидена храброст се обидел сам со сопствени сили, да го симне вековното турско ропство, да си извојува право на свој сопствен слободен живот. За овој обид, за својата очајничка храброст македонскиот народ бил подложен на тешки масакрирања. Настрадале 201 населено место, биле изгорени 12.400 куќи, 70.836 лица останале без покрив над главата, над 30.000 лица избегале, 8.816 лица биле убиени. Тоа бил крвавиот данок на револуцијата.
Ваков народ кој има вакви синови никогаш нема да исчезне. „Бог и правото се со нас! Да живее Македонија!Откако заклучиле дека ситуацијата во Округот е зрела за востание, Главниот Штаб на округот на 26 јули 1903 година на врвот Победоносец над Смилево,

Пронајдете не на следниве мрежи: