Децата пред компјутерите!

Компјутеризација: Да или не?
Компјутеризација-да или не;
 За среќа, едукацијата како општествено и технолошки зависен и динамичен процес, сепак успеа да ги надмине дилемите и да се насочи во позитивен правец. Со самото тоа што информатичката технологија се воведува во училиштата, таа престанува да делува стихијно и да прераснува во јасно осмислен педагошко-методски процес кој имплицира можност за развивање на правилен однос и свест за користење на компјутерите. Сепак и овде сакам да истакнам некои мои забелешки во однос на овие реформски зафати во образованието, коишто ќе го наметнат и прашањето од која возраст треба да започне овој процес.
 
     Кога и како да се започне;
 
 Имено, кога се работи за вакви значајни реформски зафати, сметам дека секогаш треба да се започне од базата, односно од најнискиот степен на образовниот процес, предучилишниот период, што не беше случај со компјутеризацијата. Имајќи го предвид фактот дека првите 7 години се најважни, а развојот на детето е најрапиден, во овој период се поставува основата на личноста која понатаму се развива во зависност од квалитативната поставеност на базата. Бројните искуства во развиените земји говорат и сведочат за компјутеризацијата во предучилишниот период во различни форми, и тоа: компјутерот како играчка, како нагледно средство и позитивните ефекти од неговата примена. Затоа сметам дека и кај нас се повеќе трба да се актуелизира овој проблем и внимателно и суптилно да се воведува почитувајќи ги развојните карактеристики на раната детска возраст. Во овој период моторниот, сетилниот, емотивниот и когнитивниот развој следат определени законитости кои треба да се почитуваат.
 
     Приоритети на интерес;
 
 Токму затоа и насловот на овој проект има двојно значење, а тоа е: дека децата навистина треба да седнат пред компјутерите, но дека за нас, возрасните, децата секогаш треба да ни бидат пред компјутерите и да имаат приоритет со сите нивни потреби.
 
 
Дидактичко-методски размислувања:
 
Иако бев свесна дека овој комплексен процес бара голема координација помеѓу сите фактори кои влијаат и тоа: информатичарите, воспитувачите, родителите и др., сепак, моите први размислувања беа насочени кон децата. Кои методски пристапи да се користат, кога и со каков интензитет да се започне? Во кој правец се движеа моите размислувања и на кој начин јас го започнав овој процес во групата, ќе дознаете од следново излагање.
Во основа на овој процес го поставив принципот на постапност и системност. Сметав дека добро ќе соодветствува со развојниот степен на детското мислење, но и со технолошките карактеристики на овие системи. Така започнав од една базична тријадна врска каде постои хиерархиска поставеност, но и заемна поврзаност и делување на сите три сегменти од оваа врска.

 
 На прво место и како основа е природата. Таа претставува основа на целокупниот живот, но и на нашата програмска поставеност. Значи, прва задача е детето да ја почувствува природата, да ги стекне своите елементарни искуства за да може понатаму да ги надградува, зашто ниту еден компјутер не може да го замени мирисот на вистинското цвеќе или пак топлината на сончевите зраци.
Како втор сегмент се јавува човекот, кој е исто така присутен во основите на програмата и кој претставува дел од природата, но е потчинет на нејзините закони. Детето преку бројни содржини и животни ситуации ја согледува заемната врска и делување меѓу природата и човекот, но во исто време го одделува и како општествено суштество кое има потреба од меѓусебна комуникација и организирање на специфична општествена средина. Затоа е многу важно детето најпрво да научи да комуницира и да се социјализира, бидејќи ниту еден компјутер не може да го замени непосредниот контакт на воспитувачот или пак родителот со децата.
Надградувајќи го своето искуство, детето ја согледува комплексноста на човекот и неговото делување за да му се олесни животот. Тогаш се вклучува и третиот сегмент, машината, која не претставува ништо друго, туку човекова творба и орудие во работата. Како најсовремена машина која ја создал човекот се претставува компјутерот, кој му е потчинет на човекот и едноставно му помага во неговото делување, но и тој влијае на развојот на човекот помагајќи му да се развива и да се осовременува. Каква е пак врската помеѓу машините и природата? Едноставно технологијата делува на природата (некогаш позитивно, но и негативно), а природата е таа која им ја овозможува потребната енергија за работа.
Откако детето ќе стекне базични искуства и претстави за оваа тријадна врска, вклучувањето на компјутерот како средство за збогатување и развивање на способностите и искуствата, претпоставувам дека кај децата нема да се создаде погрешна слика за значењето и употребата на компјутерите, зашто тие се претставуваат како помош во работата и учењето.
Не постои строга граница на која возраст да започне овој процес. Зависно од индивидуалното темпо на развој, од сензибилниот период, од квалитетот на основното воспитно-образовно делување на средината, од технолошките можности и сл. Некое дете на 4 годишна возраст ќе биде компјутерски гениј, а некое на 7 години се уште нема да има желба и интерес, или пак можности.

 
Примената на овој методски пристап ја започнав во групата со која работам неколку години, со деца од 5-6 годишна возраст. Првиот  сегмент започнавме да го обработуваме пред две години, преку проектот – ЕКО ЏИВ-ЏИ, ПРИЈАТЕЛ НА ПРИРОДАТА, – кој се реализираше во рамките на проектот – ЗЕЛЕНА ДЕТЕЛИНКА – каде децата активно ја запознаваа природата и нејзиното значење, изведувајќи бројни активности. Во рамките на овие содржини го вклучивме и вториот сегмент-човекот, како дел од природата и активен субјект. Следната година пак, преку проектот – ДЕЦАТА ОД МАКЕДОНИЈА СО ДЕЦАТА ОД ИТАЛИЈА – како дел од проектот -ДЕЦАТА ОД МАКЕДОНИЈА СО ДЕЦАТА ОД ЕВРОПА И МЕДИТЕРАНОТ – се запознаа со улогата на човекот како општествено битие, стекнаа извонредни искуства во однос на комуникацијата, социјализацијата и градењето на културниот и националниот идентитет. Децата имаа извонредна подготовка за вклучување на третиот сегмент од тријадата.
     Практични активности;
 Запознавањето со машините и компјутерите, го започнавме преку неколку организирани посети и активности, и тоа: посетивме печатница и компјутерски центар, и на тој начин им овозможивме на децата да ја согледуваат применливоста на машините, на компјутерите и да ја задоволуваат својата природна љубопитност на еден поинаков начин, поттикнувајќи извонреден интелектуален напредок, развој на фантазијата, креативноста и истражувачкиот дух.

Пронајдете не на следниве мрежи: