Размислував дали да Ви одговорам со писмо на Вашите напади кои уште веднаш да кажам се несоновани. Не е мој стил на работа да комуницираме на ваков начин, особено и затоа што јас и Вие имаме разговарано за оваа работа за која пишувате, и Вие не споменавте ништо од ова што го пишувате, а споменавте многу други работи кои од причина на политичка коректност нема да ги споделам со јавноста, а верувам се многу интересни за Вашите партиски другари, се вели во отвореното писмо од претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев, до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.Сепак решив и јас да Ви напишам писмо, кое е прво и последно на оваа тема, свесен дека на овој начин се вовлекувам во Вашето пресметано парадерство, но сепак реагирам зашто сакам да остане трага, затоа што аргументите се на моја страна во целост, затоа што одлуката на Владата е гранитно законска, се додава во писмото.
Во продолжение го пренесуваме целиот текст
Реагирате пет дена откога Владата ги донесе цитираните одлуки. Пет дена потоа. Во тие пет дена со задоволство го следев однесувањето на Вашата партија и на соросовите структури кои Ве поддржуваат, и притоа констатирав дека токму со неконзистентноста и немањето на аргументи на Вашиот и пристапот на соросовците, односно лутањето од позицијата дека Владата нема право да носи вакви одлуки, преку позицијата дека има право да носи вакви одлуки ама не кон Вас од СДСМ, во суштина се потврдува дека Владата дејствувала законски! Реакција пет дена потоа докажува и колку сте посветен или непосветен на работата, и станува јасно дека единствена цел на Вашата реакција е обид за правење пи ар, но и ми покажува дека и Вие сте свесни дека Владата има донесено кристално чиста законска одлука.
Што не ви е јасно г-дине Спасовски? Јасно е како бел ден.
Согласно членот 30 став 2 Владата има право и должност да укине или поништи пропис или друг акт на министерствата, органите на државната управа и управните организации кој не е во согласност со Уставот, законот или друг пропис на Собранието, односно пропис на Владата.
Има ли право Владата да поништува прописи и акти? Има. Членот 30 од Законот за Владата го пропишува тоа право, но ја пропишува и должноста на Владата да реагира на начин на кој реагираше. Тој член е јасен и прецизен, и разбирлив и за средношколец по право, верувам и за Вас и за Вашите експерти.
Владата е врвен орган на извршната власт и министерствата и сите други органи се подредени субординациски и хиерархиски кон Владата, тие не се над Владата, и тоа е факт кој е познат и признат отсекогаш и секаде, и Ве молам немојте да објаснувате дека Вие сте биле над Владата. Смешно е. И жално истовремено.
Членот 46 став 3 од Законот за Владата пропишува дека дополнителниот заменик министер, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
Овој член е директен резултат на Пржинскиот договор, а Вие со Вашето самоволие и со едностраните акти кои ги донесовте, работите и спротивно од законот и директно спротивно од Пржинскиот договор кој во еден дел е пресликан во Законот за Владата токму во членот 46. Вие наместо да ја градите и унапредувате довербата во изборниот процес, со ваквите незаконски акти ја уназадувате таа доверба. Сите незаконски акти за унапредување на кадри спротивно од закон дури и за по шест, седум и девет скалила нагоре во хиерархијата, за унапредување на сопругот на Вашата колешка министерка Ременски, како и акти со кои незаконски деградирате и уназадувате професионални полициски службеници, акти кои Владата Ви ги поништи, имаат врска со изборите затоа што токму полициските службеници се едни од најповиканите да обезбедат мирен, фер и демократски изборен процес. Ако Вие велите дека тие немаат врска со изборите, тогаш имате проблем со логика и рационалност, и тука јас не можем да Ви помогнам.
Дали законот пропишува дека на овие акти кои Владата Ви ги поништи треба да има потпис од дополнителниот заменик министер Чавков? Пропишува. Дали на Вашите акти кои Владата Ви ги поништи има потпис од Чавков? Нема. Како се вика акт кој е донесен споритивно на закон, какви што се овие акти кои Владата Ви ги поништи? Се вика незаконски акт. Дали Владата има право да Ви ги поништи овие незаконски акти? Има. И не само право туку има должност да Ви ги поништи незаконските акти кои сте ги донеле. Јас имав должност да Ви ги поништам овие Ваши незаконски акти, и јас таа должност кон државата ја испочитував и ја извршив.
Г-дине Спасовски,
Да се разбереме, ниту јас, ниту било кој од партијата ВМРО-ДПМНЕ не ви спори што сте министер. Не, ние почитуваме закон. Ние ви спориме сега, и ќе ви спориме секогаш кога носите незаконски акти какви што се актите кои Владата Ви ги поништи. Не сте Вие предмет на атак како што сакате да се претставите во обидот да глумите жртва. Токму Вие правите атак на институциите на системот со Вашите непромислени и незаконски акти и активности кои го слабеат капацитетот на институциите, правејќи раскол во ткивото, и тоа е резултат на Вашето самоволие и самоволието на Вашата партија. Вие не признавате суд, Управниот суд Ви ги оспори токму дел од актите кои Владата Ви ги поништи. Вие сега не признавате и Влада. Вие претседател на држава оддамна не признавате. Вие сакате да сте во центарот на вниманието, да бидете главниот или главните ликови, да терате самоволие до бескрај, да ги рушите темелите на правниот систем, да се заканувате, да навредувате, да рекетирате, и да не почитувате закон. Е тоа јас нема да Ви го дозволам. Ќе дејствувам секогаш како што законот пропишува, законот е јасен, а одлуката на Владата е законска.
Се надевам дека ќе престанете со ваквото непродуктивно однесување, и ќе почнете да работите нешто што е реално, нешто од што граѓаните имаат вистинска корист, реален проект за реални придобивки. Во целиот овој период како министер, ниту јас, а ниту јавноста не може да се потсети барем на еден проект кој сте го направиле а од кој корист имал народот.Сепак решив и јас да Ви напишам писмо, кое е прво и последно на оваа тема, свесен дека на овој начин се вовлекувам во Вашето пресметано парадерство