In memoriam: НЕСТОР ОГИНАР – ЧОВЕК ОД РАНГ И РОДОЉУБ

In memoriam
НЕСТОР ОГИНАР ( 1947 – 2024 )

ЧОВЕК ОД РАНГ И РОДОЉУБ

Неодамна по кусо боледување во Њујорк (САД) почина професорот Нестор Огинар, раритетна личност, човек од сојот на таквите кои Диоген на пладне ги бараше со фенер, голем родољуб кој живееше за Македонија и се хранеше од љубовта кон неа. Роден е во 1947 година во семејство на трговци – земјоделци од тетовското село Волковија. Детството и раната младост ги поминува во Тетово, Гостивар и Битола каде го завршува средното образование. Во 1969г. заминува за САД каде дипломира англиски јазик и книжевност со драма на Хантер – Колеџот на Градскиот Универзитет во Њујорк. Во 1973 се враќа во Македонија и работи како професор по англиски во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“.
Наскоро се венчава со својата животна сопатничка Милица и со неа се преселува да живее во Њујорк. Таму на „Њујорк Универзитетот“ се здобил со диплома магистер по филозофија и продолжил со докторските студии по англиски јазик и книжевност, делејќи го животот со сопругата Милица и трите деца.
Тоа се некои елементарни биографски податоци од богатиот човекољубив и родољубив живот на Нестор Огинар.
Родољуб со срце и душа кој голем дел од животот несебично и го посветува на Татковината. Еден е од основачите на Светскиот македонски конгрес. Бил шеф на неговата мисија при ООН во Њујорк. Потоа тој е и прв претседател на ВМРО ДПМНЕ во Северна Америка. Организирал и серија меѓународни конгреси и дебати за одбрана на македонското име и идентитет во САД, Канада и Македонија. Огинар исто така во последните десетина години од животот беше многу драгоцен член и на Македонски манифест. Со последниот здив, кога знаејќи дека заминува од семејството и татковината како проштален завет го напиша својот заветен пост во кој вели:
„Овој пост го пишувам како Македонец, роден, растен и воспитан во Македонија, со македонски дух и свест. Кога некои таму утре ќе го слават „Денот на независноста“, да ги потсетам дека сеуште живееме во анамнеза што трае веќе 33 години! Слават една окупирана, незаконска и вештачка држава без име, знаме, идентитет, без јазик, историја, минато и без црква, понижени и исмеани од целиот свет… Тоа е вистината и реалноста што ги гледам! Но секому по своето… Посакувам да ве закрепне топлината на сонцето на Македонија“.

Нека му е вечен споменот,

Македонски манифест,
Ефтим Клетников

Пронајдете не на следниве мрежи: