Интервју со младиот писател Виктор Петрески: „Секој уметник се пронаоѓа себеси во секое ново дело, тоа е смислата на создавањето уметност“

Запознајте се одблизу со младиот писател Викотр Петрески.„ Од Магла на југ до месечина на север“ е твое прво големо остварување, па какво е чувството ?
– Прекрасно! Конечно, после две години и кусур седење во компјутер, делото заживеа. Неверојатно е чувството да знаеш дека дел од тебе живее таму некаде низ градот, на некоја маса, полица или кутија.
Каде најмногу црпи инспирација еден млад писател како тебе?
– Не би можел да кажам точно, затоа што најчесто некој склоп на моменти на човек му ја дефинираат инспирацијата или му даваат идеја за некоја неверојатна приказна. Веројатно најмногу црпам инспирација од луѓето. Колку тие можат да бидат големи или мали во дадени ситуации. Колку можат или не можат да бидат легенди. Колку можат или не можат да сакаат, да се борат, да бидат праведни, да бидат вистински пред себе. Колку можат или не можат да ја прифатат мрачната страна во себе, што всушност ги прави индивидуи.
Дали може да ја опишеш книгата во една реченица?
– Одлично прашање, но тука ќе морам да заглавам малце… Хаха, навистина не можам… Потрага по себеси и совршенството, можеби.
Да се осврнеме кон делото, како ти ја дожувуваш книгата?
– Како едно дело кое никого нема да остави рамнодушен. И не го велам тоа како некое клише, туку навистина мислам дека нема да постои ни еден човек што ќе ја прочита книгата, а во него да не се разбуди емоција барем во една сцена од настаните. Ја доживувам како преплет на приказни кои кријат по нешто за секој, без разлика дали некој во книга бара крими, или трилер, или љубов, или филозофија…
Откриј ни дел од содржината?
– „Од Магла на Југ до Месечина на Север“ ја сочинуваат две главни приказни. Првата го прати Габриел Коловик, син на богат индустријалец и моќник, кој треба да ги дознае мрачните и тајните страни на минатото на татко му за да го добие наследството по неговата смрт. Втората го следи Адам Хајден, момче кое се раѓа една ладна есен 1916 година во бордел, неговото детство во еден бордел полн со мајки за него, борбата за неговите соништа и идеали… Некаде при средината на книгата ќе треба да се види каква е поврзаноста на фамилијата Коловик со Адам Хајден.
Имаш ли некој омилен лик од книгата, на кој му посвети поголемо внимание додека ја пишуваше кингата?
– Најголемо внимание добија Адам, Габриел, Софија и Сара, меѓутоа и споредните ликови добија таква боја и влијание во приказната што мислам дека некои споредни ликови ќе добијат и повеќе симпатии од читателите отколку главните ликови.
Каква реакција очекуваш од публиката?
– Неблагодарно би било да кажам што очекувам. Се надевам дека реакциите ќе бидат добри. Досега добивам само позитивни бурни импресии, меѓутоа тоа е сигурно најмногу затоа што сите тие луѓе ме познаваат. Се надевам дека ќе добивам искрени реакции и критики пред се, затоа што само тоа може да ми помогне да растам како писател.

Според тебе за која група читатели е најпогодна книгата?
– Буквално за сите. Книгата во себе си носи многу убави љубовни приказни, си носи бурни трилер елементи и мистика, си носи и длабоки флозофии за општествени, религиозни и идеолошки ставови и проблеми. Си носи и длабок психолошки траг на тоа што прават од нас изборите кои ги правиме во животот.
Можеме ли да очекуваме наскоро нешто ново? Што е следно?
– Секако целта е ново дело. Се надевам дека некаде околу Нова Година би можел да почнам да го пишувам. Тоа зависи секако од тоа како ке се развие идеата. Никогаш не почнувам да пишувам додека не ја имам целостната приказна во глава, и додека не знам уште од првата страна како ќе заврши книгата. Здравје, во 2016 веќе може да имаме и нов наслов.
Имаш дефиниран правец, или се уште се обидуваш да се пронајдеш себе си во светот на пишаниот збор?
– Секој уметник се пронаоѓа себеси во секое ново дело. Тоа е смислата на создавањето уметност. Не ценам кога некој престанува да еволуира затоа што го нашол тоа што „функционира“ или „проаѓа“. Како и да е, како правец на пишување моментално сум воден од Виктор Иго, Толстој, Леон Урис, Зафон… и како мој стил моментално веројатно може да се карактеризира некој преплет од сите овие збогатен со некоја моја индивидуална нота. Најкарактеристично за мојот стил е едноставноста. Описите и чувствата се лесно доловени и затоа сметам дека е неизбежно секој читател да ги прими додека ги чита.„ Од Магла на југ до месечина на север“ е твое прво големо остварување, па какво е чувството ?

Пронајдете не на следниве мрежи: