Естаблишментот не прави теории, тој ги спроведува
Да видиме прво што е тоа теорија на заговор. По дефиниција, заговор е вклучување во таен договор со кој се спроведува незаконско или неморално дејство за да се продуцира резултат кој би бил законски. На кованицата ѝ се додава зборот „теорија“ како спротивност на нешто докажано, потврдено, односно „теорија на заговор“ е спротивно на „научна анализа“. Со оваа дефиниција се согласува познатиот лингвист Ноам Чомски. Творец на кованицата е Карл Попер во 1949 година, инаку професор на лондонската школа за економија.
Но, ние да си се вратиме на Македонија. Кај нас теориите на заговор виреат после секој дожд, а има еден куп причини за тоа. Речиси 90 проценти од сите маки што ги трпиме денес се поради тоа што Македонија е – докажано – жртва на заговор. Не е никаква теорија ако се земат фактите од 1913 година, кога на тогашните Македонци им билатувана автономна Македонија, па тие масовно се приклучиле во борбата против турскиот аскер.
Дали и Гоце Делчев бил теоретичар на заговори кога тврдел дека не може да им се верува на Бугарија, Грција или на Србија или на некоја европска сила бидејќи сакаат само да ја грабнат и да ја поделат Македонија? Што ќе беше ако Македонците од 1913 година ги послушаа заговорничките пророштва на Делчев? Тогашните Македонци повеќе верувале дека комшиите ни помагаат бидејќи и Македонци учествувале во ослободувањето на Бугарија, Грција и на Србија од турското ропство. Епилогот ни е добро познат.
Македонија жртва на заговор, а не на теорија
Дваесет години се караме околу името. Опозицијата вели да го смениме името и да влеземе во ЕУ и во НАТО или крај на Македонија, односно и тие како Македонците од 1913 година го игнорираат „заговорникот“ Делчев. Ако преживееме без ЕУ и без НАТО, нивното тврдење нема да биде теорија на заговор бидејќи тие се од најголемите политички партии (институции). Заклучокот би бил можеш да кажеш што сакаш ако си на некаква позиција (официјален), а потоа ако не се обвистини, никој нема да те обвини дека си терал теории на заговор, односно дека си будала.
На пример, да кажеме дека е заговор атентатот на Глигоров. Тој се случи во октомври 1995 година претходно тогашната Служба за државна безбедност беше обезглавена поради расправии на министерот на МВР, Љубомир Фрчкоски, со парламентот, а неколку дена по атентатот Собранието го усвои она БЈРМ за влез во Обединетите нации. А, народот беше во шок (напад на претседател е напад на држава). Дали овие факти се теорија на заговор, пак макар на нив се спротивставуваат други факти, како тоа што Глигоров беше тој што прифати БЈРМ (со ветување дека ќе трае два месеца), а министерот задолжен да го чува, Љубомир Фрчкоски, беше негов пулен?
Демостеново наследство
Географската положба каде што денес се наоѓа Грција, можеби, е и родното место на теориите на заговор. Првиот историски забележан теоретичар е атинскиот оратор Демостен. Тој со години зборувал против македонскиот крал Филип Втори, дека тој планирал да направи сојуз со другите балкански кралства и да ја нападне Атина. Напишал и серија текстови на таа тема, наречени Филипики. Демостен бил воедно и првиот теоретичар на заговори на кого му се исмевале, исто како што им се случува и денес на такви личности, како Дејвид Ајк.
Сепак, Демостен докажал дека е во право. Кралот Филип навистина го направил тоа што Демостен го предвидел, но нема фајде од тоа. Кога Атина била освоена од македонскиот крал, Демостен се пикнал во буре и таму умрел.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.