Напади врз Македонија од страна на Бугарите и Грците

На Резолуцијата за Република Македонија што треба да ја донесе Европскиот парламент во април годинава, и се заканува канонада од бугарско-грчки амандмани, јавува дописник од МИА за Брисел.
Гркинките Елени Копа и Јанаку, нивниот сограѓанин Николаос Шунтис, како и Бугарите Стојанов, Илчев и Ковачев имаат идентични амандмани за да се избрише предлогот на известувачот Ховит за да се поздрави употребата на придавката “македонски” во последниот извештај на ЕК.
Најголем број Предлог-измени на Резолуцијата дал либералот Станимир Илчев, кој заедно со Андреј Ковачев (Европски народни партии) или посебно, има поднесено 30 амандмани. Зад него е пратеникот Димитар Стојанов, со 25 амандмани, при што најголемиот дел од нив се ригидни, навредливи и апсолутно одат контра добрососедството што го бара Европската унија од Македонија и Бугарија. Посочениот Ковачев има поднесено 24 амандмани, додека кај Грците предничи Николаос Салавракос (партија Народен православен собир) со 15 Предлог-измени на Резолуцијата што ја предложи известувачот Ховит. По него следуваат Марија Елени-Копа (Социјалдемократи) и Мариета Јанаку (ЕПП) со по осум амандмани.
Интересно, но и самиот известувач Ховит има поднесено над 20 амандмани на својот предлог што минатиот месец го претстави пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Канонадата од Бугаринот Стојанов започнува со амандман во кој се посочува дека “продолжува нетолерантноста и проследувањето на лицата со бугарска самосвест”, при што бара да се земат предвид, според него, “насилствата во Собранието пред крајот на минатата година кога опозициски пратеници беа тепани и изнесувани на сила надвор од пленарната сала”.
Поради минатите случувања со опозициската партија, тој исто така бара во Резолуцијата да влезе дека “опозициската СДСМ презема дејства што не одговараат на европските стандарди за толерантност поради случајот кога нејзини општински советници во Скопје скандираа “Мрсни Бугари!” кон своите колеги од општинскиот совет по повод преименување на улица.
Тој обвинува за Спаска Митрова, за отстранувањето на Спомен-плочата на Мара Бунева, дека е нападнат бугарски амбасадор во Скопје, дури и тоа дека годинава започнала “полициска репресија против лица што работат како посредници меѓу бугарските власти и граѓаните што сакаат да добијат бугарско државјанство, со цел да се влее страв кај лицата со бугарска самосвест”. Пратеникот од бугарска АТАКА барал тоа да се земе предвид, како што рекол, влошената политичка ситуација во нашата земја. Во однос на ова прашање, Илчев од Либералите и Ковачев од ЕПП се малку поконструктивни, но и тие приговараат за “негативни консеквенции на лицата што отворено го изразуваат својот бугарски идентитет” и бараат тоа да се земе предвид при одлучувањето на Самитот на ЕС во јуни оваа година. Известувачот Ховит, како и Едвард Кукан (ЕПП), Моника Маковеј (ЕПП), Мари Корнелисен (либерали), Чарлс Тенок (Конзервативна партија), сите до еден во посебни или заеднички амандмани инсистираат Република Македонија да ги почне пристапните преговори без одлагање (жалат што и досега тоа не е сторено), според она што го бара и Европската комисија во последниот извештај.
 
Ховит со амандман бара и “решавање на билатералните прашања во конструктивен дух и земајќи ги предвид севкупните интереси на ЕУ и вредностите на Унијата”. – Во врска со одлуката на Советот да ги отвори пристапните преговори со Македонија пред крајот на јуни оваа година, инсистираме дека билатералните прашања не треба да ги опструираат преговорите за членство во ЕУ, се вели во амандманот поднесен од Маковеј, Тенок и Кристијан Дан Преда (ЕПП).
“Добрососедски односи” и “брзо решавање на спорот со името” била најчестата фраза во амандманите на бугарските и грчките европратеници. Бугарите Ковачев и Илчев барале “властите да усвојат пристап кон историјата базиран на фактите, особено во однос на едукативните материјали и јавни настапи, како во земјата, така и на меѓународно ниво, со цел да се намалат меѓуетничките и регионалните тензии”.
Она што го најави бугарскиот европратеник Димитар Стојанов го приложи и како амандман, а тоа е барање од ЕК да прекине со натамошно финансирање на нашата земја од Инструментот за претпристапна помош (ИПА)! Тој има и амандман со кој бара ЕП да ја повика Владата на ПЈР Македонија (н.з. така ја условува нашата земја, иако неговата држава ја признава нашата под уставното име) да покаже волја за добрососедство, како што напоменува “со тоа што ќе го реши со децении мародерското уривање и исмевање на бугарските воени гробишта на нејзина територија”.
Гркинките Елени Копа и Јанаку, нивниот сограѓанин Николаос Шунтис, како и Бугарите Стојанов, Илчев и Ковачев имаат идентични амандмани за да се избрише предлогот на известувачот Ховит за да се поздрави употребата на придавката “македонски” во последниот извештај на Европската комисија. Притоа, пратеникот Шунтис дури бара и да се избрише придавката и Комисијата и ЕП да не ја употребуваат. Грците и Бугарите имаат идентични амандмани и на предлогот на Ховит дека “Европарламентот се согласува со Комисијата дека земјата ги исполнува сите политички критериуми”, па Салавракос и Кирилов бараат да се стави “сериозна загриженост за последните политички случувања и почитување на демократијата”, додека Стојанов сака дециден став од ЕП дека “земјата не ги исполнува политичките критериуми”! Стојанов оди понатаму и бара да не се употребува терминот “Бугарин” во нашата земја, а во врска со национална припадност, бидејќи, според него, тоа било пејоративно и навредливо обраќање во политичката дебата и бара политичките сили “да го исчистат својот говор од јазикот на омраза”.
 
 
 
Ховит, но и други европратеници од Групата на пријатели на Македонија, како Тенок, Маковеј и Кукан, имаат повеќе амандмани со кои се поздравуваат судските реформи во нашата земја и бараат нивно зајакнување. Словенката Тања Фајон има и амандман во кој изразува жалење за падот на Македонија на листата на “Репортери без граници” во врска со слободата на медиумите. – Затоа, повикуваме на зајакнување на професионалните стандарди во новинарството, истражувачко новинарство, промовирање на медиумски плурализам, независност на јавниот радиодифузер и транспарентност во сопственоста на медиумите. Поради недостаток на саморегулаторен орган за медиумите, постои широка автоцензура кај новинарите и голем дел од кампањите што се финансирани од Владата завршуваат кај пријателските медиуми на Владата, се вели во амандманот на Фајон. За овие прашања има голема поддршка во Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ). Првпат по однос на поднесените амандмани, АФЕТ ќе расправа на 25. февруари, а ќе гласа на 4 март. Подготвената Резолуција за Република Македонија, Европскиот парламент е најавено дека ќе ја усвојува меѓу 15 и 18 април оваа година.
 На Резолуцијата за Република Македонија што треба да ја донесе

Пронајдете не на следниве мрежи: