Навивачи на Лирија ги нападнале судиите и ги држеле како заложници!

На кошаркарскиот меч помеѓу Лирија и Кожув во Сарај, судиската тројка во која се наоѓал и најдобриот македонски судија, Александар Милојевиќ, биле нападнати од навивачите на Лирија, пишува денешен „Македонски спорт“.
Откако суддите го означиле крајот на натпреварот, на нивна сметка биле упатени погрдни зборови и вербални закани, кои завршиле со фрлање на искршени столчиња кон нив и неколку шишиња полни со вода.
За среќа, судиите излегле неповредени од оваа канонада на тврди предмети упатена кон нив од страна на домашните навивачи, кои наводно биле разочарани од нивното судење, кое, според нив, било на штета на Лирија.

Откако некако успеале да влезат во соблекувалната, според весникот, судиите подолг период биле држени како заложници од страна на најупорните навивачи на екипата од Сарај, кои на официјалните лица, меѓу кои бил и делегатот на натпреварот, не им дозволувале да ја напуштат салата „Дитурија“.
Некаде по половина час, откако интервенирала полицијата, судиите и делегатите биле ослободени и успеале да ја напуштат салата, а имале придружба од припадниците на Министерството за внатрешни работи.
Судиите сите свои проблеми му ги пренеле на делегатот на средбата од кого побарале сето тоа да биде пренесено во официјалниот записник од натпреварот. Ако тоа е направено така, тогаш следен на потег ќе биде комесарот Владимир Макревски, кој ќе треба да го казни тимот на Лирија, чии навивачи им приредиле вистински хорор на официјалните лица по завчерашниот дуел против Кожув.
На претходниот меч на Лирија против тимот од Гевгелија исто така имало инциденти кои се опишуваат како вистинска хорор-ситуација за време и по завршувањето на средбата.
Покрај тоа,  неспортското и националистичко навивање се редовен декор на средбите во Сарај, но засега сето ова минува со минимални парични казни од страна на луѓето во Македонската кошаркарска федерација (МКФ) задолжени за оваа проблематика.

На кошаркарскиот меч помеѓу Лирија и Кожув во Сарај, судиската тројка во која се наоѓал и најдобриот македонски судија

Пронајдете не на следниве мрежи: