Парастос за македонската левица

Во понеделникот ѝ беше опеан парастос на македонската левица.Тоа што не го знаевме е дека таа одамна е мртва, премртва! Парастосот на македонската левица дојде во форма на протест за законските измени за наплата на хонорари. Зошто го велам ова?Формално гледано македонската левица се состои од неколку партии и општествени движења, кои себеси се нарекуваат левичарски. Најголем чинител во ова друштво е Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, но за нив нема потреба да се трошат многу зборови. Нивното име произлегува исклучиво од потребата да излезат од старите и веќе излитени идеолошки чизми во 1989 година, па името „социјалдемократски“ мошне полесно било проголтано од конзервативните сили во тогашниот Сојуз на комунисти, отколку некоја друга идеолошка одредница. Партијата што ја спроведе македонската приватизација, политички ги создаде олигарсите и турна огромни слоеви од македонското граѓанство во океанот на сиромаштија, нема апсолутно никаква врска со социјалдемократијата. Тоа е една партија на македонската олигархија, која се бори за да се сочуваат привилегиите на македонската комунистичка и посткомунистичка елита и ништо повеќе. Слична е ситуацијата и со преостанатите партии, кои себеси се нарекуваат социјалистички или социјалдемократски. Едноставно се работи за инерцијален момент од комунизмот, а политиките на овие партии имаат далеку повеќе заедничко со Маргарет Тачер и со Роналд Реган отколку со современата левица. Слично може да се каже и за македонските синдикати. И покрај тоа што таму веќе нема толку гротескни ликови како Ванчо Муратовски, се чини дека и ден-денес синдикатот својата улога си ја разбира како продолжена рака на која било власт за контрола на работништвото или како параван на некоја политичка партија отколку како вистински застапник на интересите на работничката класа. Впрочем, огромен дел од синдикатите се во скут на неколку крупни македонски компании, па ги промовираат нивните интереси, за сметка на интересите на работништвото. Единствени интересни ветришта во делот на македонската левица внесуваа новите општествени движења, како „Ленка“ и „Солидарност“, кои се јавија со неколку интересни иницијативи. Нивните предлози го разбиваа консензусот што постои во македонското општество за неколку клучни стратегиски прашања, но токму тоа значи откочување на дебатата за сметка на новите догми на македонскиот посткомунизам.Елем, каде би била улогата на македонската левица во новите околности. Простор за дејствување има на претек! Прво во најтрадиционалниот дел на левичарската агенда, а тоа е борбата за интересите на непривилегираните слоеви на општеството. Во Македонија работничката класа, онаа што формално беше владејачка до 1989 година, но суштински никогаш поради тоталитарната природа на комунизмот, се наоѓа на мошне ниски гранки. Македонската преобразба, а посебно криминалната приватизација, покрај што доведе до осиромашување на македонското работништво и создавање на огромен слој луѓе заробени во вителот на вечната сиромаштија, произведе и целосно урушување на регулаторната рамка. Инспекциските служби, наместо да си ја вршат својата работа, беа само механизам на владејачките социјалдемократи за дисциплинирање на бизнис-заедницата. Единствена жртва во оваа оргија на неолиберализмот беше работништвото. За жал, се потврдија тезите на Карл Маркс и на другите „апостоли“ на работничката класа дека сиромаштијата и онеправданоста им оневозможуваат на припадниците на оваа класа општествено и политички да се организираат, па да излезат со свои јасни барања. Македонското работништво си бара свој дом во македонската политика веќе цел четврт век, но никако да го пронајде. Покрај проблемите со ниските примања на работниците, постојат и многу други предизвици. Сѐ до реформата за воведување бруто-плата, определен дел од работниците не можеа да ги искористат своите социјална права поради нередовната исплата на социјалните придонеси од работодавците. Воведувањето рамен данок, покрај тоа што ја влошува нееднаквоста, создаде и поттик кај многу работодавци еден помал дел од примањата на работниците да ги исплаќаат во форма на плата, а „преостанатиот дел“ во форма на хонорари, со што директно се оштетува и самиот работник, но и фондовите за пензиско и за здравствено осигурување. Најновата мерка за оданочување на хонорарите настојува токму да стави крај на ваквото однесување, но и да воведе рамноправно оданочување. Не постои никаква праведност во тоа што работниците, кои работат во трудовоинтензивните гранки, плаќаат полни придонеси за своите минимални плати, а тоа што „хонорарците“, кои воопшто не се социјално загрозени, не плаќаат социјални давачки од својата заработувачка. Да не зборувам, пак, дека со оваа мерка се губи секоја потреба кај работодавецот и натаму да држи дел од вработените како хонорарци или да им исплаќа дел од заработувачката во форма на хонорар. Штом давачките се исти, исчезнува и поттикот за работодавецот да го злоупотребува законот на штета на работникот.Оваа мерка е редистрибутивна мерка, придонесува кон намалување на сиромаштијата, ги штити правата на работниците и овозможува поголема ликвидност за социјалните фондови.Меѓутоа постојат сѐ уште сериозни дилеми врзани со овој предлог. Прво, предвидената ставка за изземање на функционерите е срамна. Нема да биде лошо да слушнеме кој бил мудрецот што се сетил да ја вметне оваа „генијална“ идеја. Не смее оние што им служат на граѓаните да бидат привилегирани. Истото се однесува и на спортистите, кои од којзнае кои причини се изземани. Второ, не е јасна постапката за наплата на придонесите од хонорари. Дали и тука ќе имаме исто решение како со бруто-платите, па уплатата на сите средства ќе биде обврска на работодавецот или, пак, ќе се создаде непотребна обврска за хонорарците секој месец да трчаат до УЈП и до фондовите со уплати. Понатаму, се поставува прашањето дали придонесите од пензиското осигурување за хонорарите ќе се распределуваат по истата формула како и за платите, или, пак, целокупната сума ќе оди исклучиво во задолжителниот државен фонд? Доколку законот предвидува такво нешто, тогаш тоа е мошне неправедна одлука. И конечно, не беа докрај објаснети прашањата за стажот и за правата на трудниците, две прашања што се клучни од социјалната сфера.За жал, во понеделникот видовме дека во Македонија левицата одамна е погребана. Протестот не беше левичарски, туку типично ситнобуржоаски, односно малограѓански по македонски, излезен од учебниците по општествени науки. Средната класа има интерес да плаќа минимални даноци и придонеси, а за сметка на тоа да ги ужива сите јавни добра и да ја има целата заштита на државата на благосостојбата. Понеделничкиот протест беше токму протест на средната класа против мерка за подобрување на правата на работничката класа и на сиромаштијата. Фактот што на овој протест му се придружија и неколку самонаречени левичарски движења и синдикати само ја отслика жалната слика на македонската левица. Кога требаше да гласаат со џебот, македонските левичари ги избраа Маргарет Тачер и Роналд Реган, за сметка на Карл Маркс и Вили Брант. Со тоа во понеделникот ѝ беше испеан најдобар парастос на македонската левица.
Автор: Ивица Боцевски за НОВА МАКЕДОНИЈАТоа што не го знаевме е дека таа одамна е мртва, премртва! Парастосот на македонската левица дојде во форма на протест за законските измени за напл

Пронајдете не на следниве мрежи: