Ќе треба да се најде друго решение, евентуално двете првопласирани екипи од лигите да влезат во Прва лига, но ништо во моментов не е сигурно. Дополнително ќе разговараме на таа тема“ – објаснува Антиќ и додава:
„Сличен е случајот и со младинските лиги, сакавме да играат преку летото за да не се почувствува долгата пауза кај младите кошаркари во оваа фаза од нивните кариери. Таму настапуваат само домашни играчи и ваквата ситуација може да биде хендикеп на долг рок. Федерацијата имаше план како работно да го поминеме летото, но сега сето тоа паѓа во вода затоа што постојано ги следиме препораките на здравствените работници. Требаше да се играат турнири. Требаше ’децата’ да работат индивидуално, салата во СРЦ Кале е наша, но и таа е затворена за групни тренинзи. Ќе се обидеме да им обезбедиме барем по двајца да работат во еден термин. Ако треба и 24 часа салата нека биде зафатена, само репрезентативците да немаат пауза, секако и другите кошаркари.
Истото важи и за сениорската репрезентација. Националниот тим требаше да се собере затоа што ноемврискиот прозорец на ФИБА најверојатно ќе биде поместен и практично, сениорите ќе бидат без собир една година“.
Ова лето нема да ги видиме најдобрите машки репрезентации од Европа до 16 години со оглед на тоа дека пандемијата ги откажа Европските младински првенства. Каков хендикеп ќе биде тоа за федерацијата?
„Многу се боревме за тоа Европско првенство, за среќа, имаме големи пријатели во ФИБА кои добро нè познаваат и нас, а и Македонија како организатор на вакви настани. Жалам за генерацијата 2004, таму има многу големи таленти кои требаше да излезат на површина на ова првенство. Не ми е криво за финансиите што ќе ги загубиме со неодржувањето на тоа првенство, туку многу повеќе што нашите млади кошаркари ќе останат незабележани од скаути и тренери бидејќи тоа беше добра можност да бидат видени на врвно европско натпреварување.
Резултатот од првенството кај мене е во втор план. Поважно ми е македонските кошаркари да созреат, да стекнат самодоверба, а тоа се прави само со играње против квалитетни ривали. Не сакам никого да потценам, но важно е да се игра со репрезентации како Шпанија, Србија, Израел… Додека не излезат со нив на мегдан, нема да бидат свесни за своите квалитети и можности“ – вели Антиќ.
Каков е вашиот став за меѓународните клупски натпреварувања? Првпат по осамостојувањето на Македонија, постои можност осум или девет екипи да играат на меѓународна сцена. Четири места ни обезбеди ФИБА преку Лигата на шампионите и по две АБА 2 и БИБЛ. Останува шансата МЗТ Скопје да заигра во АБА 1, но и преговорите за формирање заедничка лига со Бугарија, Србија и Грција.
„Сите во Федерацијата напорно работиме за да се оствари ова и би сакале да се искористи шансата. И не е само тоа, туку се обидуваме да избуткаме уште една екипа во АБА 2 со специјална покана. Од општ интерес на македонската кошарка е да имаме колку е можно повеќе претставници на меѓународна сцена, затоа правиме напори да бидеме инволвирани и да излеземе во пресрет на сите што им треба помош.
Добро е да се вклучи и државата затоа што знаеме дека на сите им се потребни пари за да егзистираат и бележат успеси. Им помагаме на клубовите и во врска со ваучерите, бидејќи некои не успеваат во целост да ги искористат средствата кои ги нуди овој систем. А јасно е колку се тие потребни, особено ако сакаат да играат надвор од земјава“.
Не е работа на Федерацијата, но реално ли е да се очекува толку голем број на учесници во меѓународни натпреварувања и како ќе се склопи распоредот за новата сезона?
„Секојдневно сум во контакт со претседателот на Кошаркарската федерација на Бугарија, Георгиј Глушков во врска со формирањето регионална лига во која ќе учествуваат македонски и бугарски, а можеби и грчки и српски клубови. Засега сè е во почетна фаза, се спомнуваат ПАОК и Арис, од Бугарија се Левски Лукоил, Берое… интенцијата е сите што ќе учествуваат да бидат во некое ’растојание’ од најмногу 400 километри од Солун. Можеби ќе биде тешко да се вклопи распоредот ако поголем број македонски екипи учествуваат на македонска сцена, но повеќе работи на оваа тема ќе се знаат по 15 јули“ – открива Претседателот на КФСМ.
Реална ли е можноста повторно да имаме екипа во елитната дивизија на АБА, преку МЗТ Скопје Аеродром кој би влегол на местото на Приморска?
„Многу се големи шансите за тоа. И ние навистина правиме се што е во наша моќ да помогнеме. Постојано комуницирам со Небојша Човиќ, првиот човек на Црвена Ѕвезда, со директорот на Игокеа, Вук Радивојевиќ. Од секоја страна се обидувам да извршам ’притисок’ и да помогнам колку што можам, без разлика на личните односи во моментов со раководството на клубот од Аеродром. Тврдам и секогаш ќе кажувам дека МЗТ Скопје го заслужува тоа, а го заслужува и Македонија поради целата кошаркарска традиција што ја има“ – завршува Антиќ.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.