Смртта на Цезар: Чувај се од Мартовските иди!

Иако Римјаните биле меѓу најприсебните и најбестрашни луѓе во Стариот век, тие биле опседнати со пророштвата и знаменијата.
Можеби најпознатото претскажување во историјата е поврзано со судбината на Гај Јулиј Цезар, кажано од страна на видовитиот Спурина: „Чувај се од Мартовските иди.“ Ова предупредување тој го кажал во 44 година п.н.е. Тогаш пропаѓала републиката водена од олигарсите и Помпеј, првиот меѓу римските благородници, кој загинал во битка. Јулиј Цезар, кој бил татко на неговата сопруга и бил познат по освојувачките способности, на 55-годишна возраст е прогласен за доживотен диктатор и сонувал за еден мирен Рим, кој би се протегал од Партија па сè до Шпанскиот брег.
И потоа следувал еден ужасен предзнак од кој дури и самиот Цезар се наежил. Имено, во градот Капуа, Римјаните ја ископале гробницата на Капис, основачот на градот, и откриле бронзена плоча на која било напишано страшното предупредување: „Кога гробот на Капис ќе биде ископан, тогаш ќе биде пресечена гранката од Јулиевата куќа, од раката на еден негов роднина.“
И навистина, еден роднина на Цезар бил замешан во заверата против него. Тоа бил Марк Брут, за кого се верувало дека е потомок на Луциј Јуниј Брут. Марк Брут бил наговорен да се придружи во заверата за атентат врз Цезар, од страна на шест заговорници, кои на статуата на Луциј Брут го напишале следново: „Твоето потомство не ти е достојно.“ Оваа порака на Брут му звучела двосмислено, бидејќи и тој самиот се плашел да не е син на Цезар, како што многумина мислеле, сметајќи го и самиот Цезар.
Постоеле уште лоши предзнаци што предупредувале дека нешто лошо ќе се случи. Диви птици влегле во Форумот, по што настанала чудна визија со човеколики застрашувачки фигури како се борат.
Понатаму, Цезар убил диво животно и кога го расекол, виделе дека нема срце. Почитуваниот пророк Спурина му кажал на Цезар дека се подготвува некое големо зло, кое ќе му го загрози животот на Мартовските иди (15. ден од месецот март).
Цезар никогаш не го сфаќал пророштвото многу сериозно, но како што се приближувал 15 март, многу чудни работи почнале да се случуваат околу него. Вечерта на 14 март, Цезар ѝ рекол на жена си дека најбрзата смрт е најдобра, а набргу откако ја завршил реченицата, однадвор се чуло некакво мистериозно завивање. Подоцна, откако тој и жена му Калпурнија си легнале, биле разбудени од силно и бучно невреме, од кое се отвориле вратите и прозорците.
Калпурнија се разбудила врескајќи и му кажала на Цезар дека имала многу реалистичен и крвав кошмар за неговата судбина. Во својот сон, Калпурнија видела како нивниот дом се распаѓа, а самата ја држела во рацете мртвата глава на својот сопруг. Потоа го преколнувала да ја одложи утрешната средба во Сенатот, што почнало да го загрижува Цезар, бидејќи знаел дека таа никогаш не била суеверна. Истата ноќ, самиот Цезар сонувал како лета високо над облаците, држејќи се за раката на Јупитер.
Наредниот ден, Цезар се почувствувал самоуверено и претпоставил дека сите таканаречени предзнаци биле трикови на неговиот ум, па му рекол на пророкот: „Па, Спурина, Мартовските иди дојдоа.“
„Да, Цезаре, дојдоа, но сè уште не поминаа“, му одговорил Спурина. Тоа било околу пладне. За неколку минути, Цезар влегол во одаите на Сенатот и бил намамен од Тилиј Кимбер, додека другите убијци се собирале околу него. Тогаш Кимбер им дал знак да го нападнат. Прво го пробол Каска, а Цезар се фатил за својот меч и почнал да вика за помош, но никој не му помогнал. Насобраните убијци ги извадиле ножевите, подготвени да почнат да бодат, кога Брут му се доближил и го пробол во препоните.
Исполнет со ужас и очај, Јулиј Цезар изустил: „Зар и ти, дете мое?“ Тогаш веќе знаел дека му нема спас, и како последен чин да ја зачува својата чест, си го покрил лицето со наметката и паднал под статуата на Помпеј, додека крвта истекувала од 23-те рани.
Преземено од think.mkИако Римјаните биле меѓу најприсебните и најбестрашни луѓе во Стариот век, тие биле опседнати со пророштвата и знамени

Пронајдете не на следниве мрежи: