Вчеравечер, на плоштадот „Филип Втори“, свечено беше отворен првиот Меѓународен младински турнир во фудбал „Скопје Куп“ 2014. Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а во Скопје во следните шест дена, гости ќе бидат околу 500 младински фудбалери, тренери и спортски работници.- Горд сум што како домаќин на првиот Меѓународен младински турнир во фудбал, „Скопје Куп 2014“, што ќе се одржува до 29 јули, нашиот град ќе ја има можноста да пречека околу 400 фудбалери од младинските клубови на Хрватска, Бугарија, Србија и Македонија. Само десетина дена по завршувањето на најголемиот планетарен собир на најважната споредна работа во светот – фудбалот, во Бразил, Скопјани, за првпат ја имаат можноста на дело да видат стотици млади играчи, меѓу кои, искрено се надевам дека во иднина би можел да има некој нов Меси, Роналдо, Милер, Панчев, Пандев, Шаќири. Сведоци бевме на доминацијата на новиот светски шампион Германија на ова светско првенство, но исто така знаеме и како стасаа до својата четврта титула – со вложување огромни средства и организациски потенцијал низа години наназад, токму во работата со кадетските и младинските селекции. Оттаму, знаеме дека и нашиот фудбал ќе се крене и ќе може да биде конкурентен во европски и светски рамки токму преку организирањето на вакви масовни меѓународни турнири. Еве го стартот на еден таков турнир токму во Скопје, со надеж и верба дека ќе стане наша традиција и дека секоја наредна година на нашите терени ќе гледаме уште поголем број идни шампиони. Градот Скопје, со задоволство ќе го поддржува овој турнир и ќе се труди да биде домаќин на високо ниво и оваа седмица, но и сите наредни години. На сите учесници и на нивните фудбалски учители им посакувам среќа, добри резултати, фер – плеј игра и пријатен и незаборавен престој во главниот град на Република Македонија, рече градоначалникот Трајановски.
Со поддршка на Град Скопје и Фудбалската федерација на Македонија, а во организација и реализација на Здружението „Скопје куп“, ќе се одржи овој голем меѓународен младински турнир во фудбал „Скопје Куп“ 2014, во машка конкуренција за младинци од генерациите `97 и `99 и помлади.
– Иницијативата за организирање на едно вакво натпреварување се создаде уште пред неколку години. Главната цел беше да го исполниме спортското лето во Скопје и овој куп да стане традиција. Навистина сум среќен што од овој момент идејата за организација на едно вакво натпреварување станува стварност. Амбициите ни се следните години да го зголемиме бројот на учесници и екипи. Се надеваме дека „Скопје Куп“ ќе прерасне во регионален бренд и дека од денеска па во наредната седмица, ќе го раздвижи Скопје во овие жешки летни денови. Освен фудбалскиот турнир „Скопје Куп“, некаде во средината на месец август ќе организираме и турнир во ракомет. Ние како организатори очекуваме преку 1.000 млади спортисти од државите во региониот да учествуваат на првото издание од ова натпреварување. Следната година ќе бидат вклучени и кошарката и одбојката како спортски дисциплини, па очекуваме околу 3.000 учесници на овие турнири, токму затоа сметам и се надевам дека и во годините што следат Скопје ќе дише во ритамот на младинскиот спортски дух, рече Влатко Неделковски претседател на Здружението „Скопје куп“.
На фудбалскиот турнир учество ќе земат 20 екипи од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија поделени во две категории (фудбалери родени 1997 година и помлади и 1999 година и помлади). Од македонските екипи, на овој турнир учество ќе земат Вардар-Скопје, Пелистер-Битола, Шкендија-Тетово, клубови од Охрид, Репрезентација на Град Скопје, Академија Пандев-Струмица, а од екипите од регионов силите ќе ги одмерат: Партизан Белград, ЦСКА Софија, Осиек, Војводина, Славија Софија и Реал-Ниш.
На вчерашното свечено отворање присуствуваа и првиот селектор на македонската репрезентација, господинот Андон Дончевски, претседателот на Македонскиот олимписки комитет, г-дин Васил Тупурковски како и претседателот на ФФМ, г-дин Илчо Ѓорѓиевски, којшто потенцираше дека му претставува особена радост што се исполнува целта на многумина, да се организира токму ваков спортски настан којшто ќе ги афирмира и ќе им помогне на многу млади талентирани фудбалски надежи од кои во иднина можеби ќе се родат и идни фудбалски ѕвезди.
На најдобрата екипа на турнирот ќе им биде доделен пехарот и медали, на најдобриот голман на натпреварувањето ќе му бидат доделени и брендирани ракавици, а на најдобрите стрелци – копачки.
Информации за натпреварите може да се најдат на www.skopjecup.mk- Горд сум што како домаќин на првиот Меѓународен младински турнир во фудбал, „Скопје Куп 2014“, што ќе се одржува до 29 јули, нашиот г