Викторија Лоба е македонската пејачка која е наш гостин во модниот проект „Fashion in Skopje“, заедно со Николина Славковска. Сите добро ја знаат по учеството во 2003 година кога ја претставуваше Македонија на Детскиот Евросонг во дует со Марија Арсова и песната „Ти не ме познаваш“. Прерасна во креативна, амбициозна и најпосакувана девојка низ нашите простори. Со неа разговаравме за новите материјали кои со нетрпение ги очекуваме, како и за погледите низ рамката на една дама.
Н.С.: Ретко те гледаме со нови материјали на музичката сцена. Што се случува кај тебе и дали има на повидок нешто свежо од тебе?
В.Л.: Пред недела дена ја објавивме аудио верзијата на „Опиум“. Тоа е дело на Дамјан Лазаров, за аранжманот се погрижи Роберт Билбилов, каде продукцијата е и негова, а текстот е мој. Викендов ќе го снимаме видео записот за оваа песна и се надеваме дека ќе успееме до Галичник да се искачиме (се смее).
Н.С.: Малку поконкретно за песната „Опиум“ за оние кои не се упатени. За што пее во таа песна?
В.Л.: „Опиум“ е копнеж по љубов, што една жена го има и јас се инспирирав од тоа што го носам во мене. Затоа и се работи за љубовен опиум и секако, не се работи за недозволени опијати. Мислам дека сите жени ќе се пронајдат во неа. Во приказната таа објаснува дека нема да се откаже од таа љубов која ја има и ќе се бори до крај.
Н.С.: Убава порака до сите вљубени срца. Претпоставувам „Опиум“ е најава за твојот нов проект, материјал. Има ли нешто за што треба да се открие во оваа прилика?
В.Л.: Правев скоро година пауза, со тоа што морав да ги завршам студиите на факултет, како и приватно малку да се посветам на себеси и семејството. Сега чувствувам дека имам нов наплив на сили кој сакам да го искористам. Имам многу енергија во мене. Верувам дека 2016та година ќе биде годината кога сето тоа ќе го видите на дело. Знам дека 2016 е моја година (се смее). Албумот треба да сочинува повеќе од 10 песни. Со Роберт Билбилов сакаме да направиме уште неколку хита, зависно колку ќе успееме.
Н.С.: Дали Билбилов ќе се потпише само како продукција или ќе биде и соработка во некоја од твоите песни?
В.Л.: Роберт е веќе автор на скоро 70% од моите песни. Тој е еден од најсериозните композитори, кој знае да го препознае артистот и да го преточи во песна. Тоа се неговата индивидуалност и енергија, па затоа и толку години ние одлично си функционираме.
Н.С.: Можеш ли да ни откриеш дали ќе има некоја соработка воопшто на твојот претстоен албум или пак, имаш желба некој да биде, па и во оваа прилика да го поканиш?
В.Л.: Секоја песна си е приказна сама за себе. Ако случајно ни дојде таква песна, Роберт да напише за некого што би одговарала за љубовен дует, може и за нељубовен, тоа не е важно (се смее), јас секако би поканила некој мој колега. Меѓутоа, имав покана од црногорецот Вања Радовановиќ и неговиот менаџер Ратко, кои ме поканија на проектот „Киша и сунце“. Пред неколку дена излезе видео записот за него и сум многу задоволна. Па еве, како што Вања ме покани на неговиот албум да учествувам со оваа песна, така и јас него во оваа прилика би го поканила да биде дел од мојот албум. Се надевам дека и тој ќе испее на македонски, како што јас тоа го сторив на српски (се смее).
Н.С.: Би сакала да ти кажам официјално добредојде во модниот проект „Fashion in Skopje“. Ни е огромно задоволство што си дел од него, па ќе можеме да поразговараме и на други теми освен музиката, за која си главно препознатлива. Што претставува за тебе дама и дали таа живее во Скопје?
В.Л.: Дамата е присутна насекаде. Ти ми изгледаш како дама, иако си доволно млада за да бидеш (се смее). Во Скопје има дами. Тоа е некоја слободна, софистицирана, елегантна жена која знае што сака, која има самодоверба и не се плаши да се истакне себеси.
Н.С.: Некои ја дефинираат дамата по начинот на облека, на говорење, на јадење. Колку тоа треба да ја прикажува сликата во рамките на една дама?
В.Л.: Мислам дека дамата најдобро се дефинира по начинот на однесување, или кога ќе кажеме „Оваа госпоѓа е многу љубезна и е права дама“. Тоа е една одлика која што дамата треба да ја има. Има една поговорка која вели вака „Бидете љубезни кон оние од кои не можете да добиете ништо“. Тоа е големината на дамата.
Н.С.: Си забележала ли џентлмен покрај дамата?
В.Л.: Едно без друго не оди (се смее). Џентлменот не мора да носи одело, вратоврска, ниту кондури. Исто, не мора да носи скапа гардероба. Џентлменот едноставно треба да направи својата девојка или жена да се чувствува како дама во негово присуство. Како вистински ценета жена и тогаш тоа го прави џентлмен.
Н.С.: Да покоментираме на една ситуација. Обично кога ќе излезат млади или без разлика возрасни луѓе, секогаш било правило момчето или мажот да ја плати сметката. Некои велат дека тоа е воведено уште од старите добри правила, кои го дефинираат џентлменот во себе преку оваа постапка. Како ти размислуваш во поглед на оваа ситуација?
В.Л.: Тоа си го носи самата култура на државата. Да кажеме, на запад е многу нормално дечко и девојка посебно да си ги платат сметките, дури и во живеачката заедно, додека на Балканот е позастапено џентлменството, како посилна половина на другиот партнер да ја подмири таа сметка. Меѓутоа, тоа не чувствувам дека е нешто лошо, иако и за дамите е некогаш убаво да почастат од срце. Тоа и јас би го направила многу пати за некој мој сакан, така што тоа си е некое непишано правило. Како ќе дојде, така.
Н.С.: Сигурно ги следиш трендовите и како младите знаат да го носат тоа на себе. Колку сметаш дека тоа добро го прават?
В.Л.: Морам да признаам, мене лично, воопшто не ми се доаѓаат брадите. Останаа ретки оние мажи што се бричат (се смее). Мене тоа не ми изгледа убаво, иако на некои тоа им се допаѓа. Јас повеќе преферирам тазе, свежо избричено машко лице. За девојките, единствено се надевам нема да премине лудилото на Мајли Сајрус кај нас. Тоа е сосема невкусно, а и неприродно за нашата Македонија. Ние сме поконзервативни и покултурни во тие погледи.
Н.С.: Каков стил негува Лоба и дали ги практикува модните трендови?
В.Л.: Да, ги следам модните трендови. Особено ми се допаѓа Кајли Џенер, а и Ким Кардашијан, иако нејзе да облекуваат стилисти. Не верувам дека ако таа сама би се облелкувала, би изгледала толку добро. Ми се допаѓа цела палета на бои што таа ги носи, како пудра боја, нежно розе, црна, темно сина, потемните бои што ги носи, како и камел боја. Тоа се бои што доминираат.
Н.С.: Која е модната икона за тебе?
В.Л.: Од постарите Бриџит Бардо, а од помладите Џиџи Хадид. Многу е слатка, мила и добро се облекува.
Н.С.: И за крај, една модна порака до сите читатели на Пулс24.
В.Л.: Less is more. Што помалку, тоа подобро. Мислам дека не е убаво да го комплицираш својот стил. Како што велеше Коко Шанел, „Пред да ја напуштите куќата, погледнете се во огледало и отстранете еден додаток“. Тогаш тоа ќе биде вистинскиот избор.
Интервјуто го подготви: Николина Славковска
Фризура: Милена Цапов (Urban Artist)Шминка: Небојша ПешевскиОблека: Бутик Infinity
Накит: Марија Канзурова
Фотографии: Николина Славковска
За повеќе фотографии, следете не` на Фејсбук: Fashion in Skopje, како и на Инстаграм профилот: @fashioninskopje.
Викторија Лоба е македонската пејачка која е наш гостин во модниот проект „Fashion in Skopje“, заедно со Николина Сла