Алкалоид“ со инвестиции во износ од над 13,8 милиони евра, со 178 нови вработувања во земјава и со консолидирани продажби во износ од 153,4 милиони евра во периодот јануари – септември 2021 г.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2021 година продажбите достигнуваат 7.165.890.933денари, што е за 4 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 9.449.288.430денари, што е за 6 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 6 %, а,исто така, и вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 6 %. Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 %, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 12 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 123 %), Полска (раст од 92 %), Русија (раст од 52 %), Украина (раст од 47 %), Унгарија (раст од 42 %), Бугарија (раст од 26 %), Чешка (раст од 25 %) итн. За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби во Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата Becutan во Саудиска Арабија.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87 %. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 20 %, антибиотиците со 19 %, кардиолошките препарати со 14 %, невролошките препарати заземаат 14 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 %, козметиката со 8 %, а билкарството учествува со 2 %.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2021 година изнесуваат 850.639.878 денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.687.034.470 денари, бележи зголемување од околу 14 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 978.479.923 денари и е зголемена за 16 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.766.595.559 денари и бележи раст од 14 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 989.201.826 денари е зголемена за 17 %.

При извршувањето на оперативните активности „Алкалоид“ ангажираше 1.055 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – септември 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 178 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во РС Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.511 вработени, од кои 1.933 се во базата во Скопје, а 578 се вработени во подружниците во странство.

Податоци за акциите

Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 18.350,00 денари, или просечно 15.272,83 денари за една акција, што претставува раст од 26,5 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. На 30.9.2021 година акциите на „Алкалоид“ беа во сопственост на 5.114 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 24,5 милијарди денари.

Бизнис-план за 2021 година

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12 % од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2020 година.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на КОВИД 19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период врвен приоритет и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварувањето на планските цели.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.