Барселона го отпушти Чави | NetPress


Каталонскиот фудбалски гигант Барселона во петокот објави дека ја прекинува соработката со тренерот Чави Ернандез, некогашна играчка ѕвезда и капитен на клубот.

Одлуката на претседателот на клубот Жоан Лапорта беше донесена во пресрет на последниот натпревар на Барселона во сезоната против Севиља, но и само четири седмици откако бордот го потврди Чави за тренер за сезоната 2024/25.

„Денеска, петок, претседателот на ФК Барселона, Жоан Лапорта го извести Чави Ернандез дека нема да продолжи како тренер на првиот тим во сезоната 2024-2025“, соопшти Барселона.

„Барселона сака да му се заблагодари на Чави за неговата работа како тренер, како и за неговата неповторлива кариера како играч и капитен на тимот и му посакува секој иден успех во светот. Тој последен пат ќе го води тимот на неделното гостување против Севиља“, се додава во соопштението на Барса.

Поранешниот играч од средниот ред јасно ја кажа својата намера да поднесе оставка од позицијата претходно во текот на сезоната, пред да направи драматичен пресврт и да одлучи да остане.

„Полн сум со енергија и желба. Ние анализираме што ни се случи оваа година за да се подобриме следната сезона. Со нетрпение очекуваме да го освоиме второто место. Се радувам”, изјави тој во април откако реши да остане во Барса..

Иако се зборуваше дека разговорите за неговата иднина ќе бидат закажани по последниот меч сезонава на Барса против Севиља, одлуката за разидувањето сега е потврдена.

Како што претходно седмицава објавија британски и шпански медиуми, се очекува поранешниот тренер на Баерн Минхен и на германската репрезентација Ханси Флик да ја преземе клупата на Барселона за сезоната 2024/25. Како потврдата за тоа, се наведува податокот дека Флик ја одбил понудата на Челзи на клупата на лондонскиот клуб да го замени Маурисо Покетино.

Чави го презеде раководството на Барселона во 2021 година, откако две години го водеше катарскиот Ал Сад. Поголемиот дел од својата играчка кариера од 2015 година ја мина во Барселона, а потоа четири години до крајот на играчката кариера го носеше дресот на катарскиот клуб.

Пронајдете не на следниве мрежи: