Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за економски криминал и корупција, Регионален центар за гранични работи Југ, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – СПО и Секторот за внатрешни работи Штип, вчера наутро во штипско Селце во координирана акција ги лишиле од слобода И.А.(43) и Е.А.(19), двајцата од с.Селце.
Во акцијата биле вклучени и дронови, за кои пред неколку дена директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев најaви дека ќе вршат мониторирање на шумските појаси на територијата на целата држава. И.А. и Е.А. биле затекнати при незаконска сеча на дрва за огрев во шумски предел кој до неодамна беше зафатен со пожар на планината Серта и покрај активната забрана за движење во шума.
Од нив биле одземени трактор со приколка, две моторни пили и исечените дрва. Подоцна, по насоки од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип, била добиена наредба и бил извршен претрес во нивниот дом во с.Селце, при што биле пронајдени и одземени испратници и одобренија за сеча на дрвна маса, издадени од ЈП „Национални шуми“, фотокопии од лични карти за кои се поднесувале барања за добивање на одобренија за сеча, воздушна пушка, две канти со бензин, импровизирана направа за центрирање на оптика за огнено оружје и други предмети поврзани со делото, информира МВР.
Исто така, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за економски криминал и корупција и СВР Штип бил извршен увид и била одземена документација во ЈП „Национални шуми“ – Штип. По целосно расчистување и документирање на случајот, СВР Штип против двете лица ќе поднесе кривична пријава по член 235 став 3 од Кривичниот законик.
Директорот Јанев апелира до граѓаните дека предизвикувањето пожари и нелегалната сеча на дрва се кривични дела за кои се пропишани високи казни. Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивните активности за откривање и санкционирање на други кривични дела во врска со незаконска сеча на дрва, како и за откривање и санкционирање на лица кои предизвикуваат пожари во шумски предели.