Детали за уапсениот за убиството во „Шиша бар”: Учествувал во купувањето на автомобилот искористен за ликвидацијата

Обвинител покрена истрага против 31-годишен скопјанец кој се поврзува со убиството во локалот „Шиша бар“, лоциран во Чаршија. Предистрагата покажала дека тој е вмешан во купувањето на автомобилот кој го користеле убијците, а потоа беше запален.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека помагало при извршување на кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со став 1 и во врска со член 24 од Кривичниот законик.

Осомничениот 31-годишен скопјанец, на 18 февруари во Косово, со умисла помогнал во извршување на кривично дело, така што со своите дејствија ставил на располагање средства за извршување на кривичното дело, односно учествувал во купопродажба на автомобил кој подоцна на 6 март бил искористен за извршување на кривичното дело убиство во кафе бар на улица „Самоилова“ во Скопје.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека тој ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело или ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци, соучесници или прикривачи и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.

Убиството се случи на 6 март, а напаѓачите влегле во Шиша бар во Старата скопска чаршија и биле облечени во црна облека.

Кога го нашле таргетот почнале да пукаат во нив и избегале. На лице место се убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени.

МВР објави првични детали за двојното убиство, пришто информираа за двајца убиени (Ј.К.) и (Е.И.) и едно повредено лице (А.Т.), кое е пренесено во болница за укажување лекарска помош.

По нападот, групата убијци избегала со Ауди А6 кое е најдено запалено во Шуто Оризари. Регистрациите на запалениот автомобил биле украдени од друго возило.

Околностите под кој се случил настанот укажуваа дека станува збор за однапред направено сценарио, со точно одредени жртви.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.