И по шест години Преспанскиот договор ја бранува јавноста

Шест години по потпишувањето на договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името, остануваат да се имплементираат уште неколку обврски. Но, договорот и натаму предизвикува тензии меѓу двете земји.

Шест години по потпишувањето на Преспанскиот договор, тој сè уште ја бранува јавноста и во Северна Македонија и во Грција. Темата стана особено актуелна по промената на власта во Северна Македонија, кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова избегна да го употреби официјалното име на земјата. Таквата пракса продолжи и на сите домашни и меѓународни случувања, кога место уставното име – таа го користи терминот „мојата земја“. Ваквата промена во курсот на односите меѓу двете земји, предизвика серија реакции во Грција, од каде порачаа дека Договорот од Преспа мора да се почитува и од двете страни.
Шест години по потпишувањето на договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името меѓу двете земји, остануваат да се ратификуваат по три договори и во македонскиот и во грчкиот парламент.
Модел за мирно решавање на споровите
Потписниците на Преспанскиот договор, Никола Димитров и Никос Коѕијас, заедно со медијаторот и комесарот за проширување Јоханес Хан, попладнево на конференција во Атина ќе дискутираат за преговорите, за спроведувањето на договорот и за тоа дали Преспа е модел за мирно решавање на споровите. Конференцијата ја организираат поранешните премиери на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор.
Двајцата неодамна во колумна за „Еуроактив“ ги повикуваа Европската Унија и меѓународната заедница јасно да стават до знаење оти почитувањето на Преспанскиот договор е единствениот пат на земјата до пристапниот процес во ЕУ, претпристапната поддршка и економската мобилизација. Тие сметаат дека кршењето на Преспа дополнително ќе го дестабилизира регионот и ќе доведе до егзистенцијален предизвик не само за европската иднина на Северна Македонија, туку и за нејзината иднина како целина.
Повеќе од договор за името
Слични пораки изминатиов период беа испратени од бројни политичари. Шефот на македонската дипломатија во заминување, Бујар Османи смета дека Преспанскиот договор е повеќе од договор за името. „Тоа е договор за старатешка соработка меѓу нас и Република Грција“, вели тој и ѝ порачува на новата влада дека „може да се против договорот, но тој е реалност и мора да се почитува“. 
Но, претседателкатаГордана Сиљановска Давкова во своите јавни настапи е цврсто решена „да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела“. На таквите најави реагираше заменик-министерката за надворешни работи на Грција, Александра Пападопулу, која ред неколку дена порача дека претседателот и премиерот не се обични граѓани, туку дека ја претставуваат државата.
„Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање“, рече Пападопулу во интервју за „360 степени”.
Додека Грција очекува целосно почитување на договор, како услов за напредок на земјата кон ЕУ, мандатарот Христијан Мицкоски изјави дека нема намера на „нивните политички мускули да одговорат со мускули“. „Да престанеме со закани, опструкции и враќање назад во минатото, да гледаме во иднината. Ако тие мислат дека сме го прекршиле Преспанскиот договор, постои Меѓународен суд за правда, може да почнат процес, па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал до тоа да дојде. Повикувам на добрососедски и пријателски односи“, изјави Мицкоски на 16 мај.
Надминување на децениски спор
На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа Договорот од Преспа. Со него беше надминат деценискиот спор, поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија стана 30-та членка на Северноатлантскиот воен сојуз, НАТО и се надева на напредок на патот кон ЕУ.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Децениски спор за името меѓу Македонија и Грција

Спорот за името меѓу Македонија и Грција траеше речиси три полни децении, и беше окончан со Преспанскиот договор. Спорот беше проследен со многу протести, блокади и вето за членството на Македонија во НАТО.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Независноста како иницијална каписла
Спорот меѓу двете земји ескалираше веднаш по прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија. Грција го блокираше приемот на земјата во ОН и признавањето од страна на Европската заедница и покрај позитивната препорака од т. н. Бадинтерова комисија.

Фотографија: Dnevnik

Забрана за зборот „Македонија“

Првичната грчка позиција на почетокот на 1990-те години беше дека во името на соседната држава не смее да се содржи зборот „Македонија“. Носители на таквата политика беа владата на премиерот Констанин Мицотакис, и подоцна особено шефот на дипломатијата Андонис Самарас. Самарас поднесе оставка и предизвика пад на владата на Мицотакис по приемот на Македонија во ОН под референцата БЈРМ.

Привремената спогодба од 1995 година

На 13 септември 1995 година во Њујорк беше потпишана Привремената спогодба која требаше да води кон нормализација на билатералните односи. Претходно, на 6 јануари 1992 година, Македонија го смени државното знаме со симболот на сонцето од Вергина и Уставот во делот кој, според Грција,содржеше иредентистички позиции. Со тоа беше ставен крај и на 18-месечното трговско ембарго кон Македонија од Атина.

Меѓународно признавање
По спогодбата со Грција, Македонија успеа да се избори за меѓународно признавање под уставното име од 118 држави, како и да влезе во најзначајните европски и светски институции. Но, спорот остана да се влече и во децениите кои следеа. Посуштествени напори од двете страни да се реши спорот, според неофицијални информации, се направени во 2001 и 2005 година, но без успех.

(Нe)потребна провокација

Кон крајот на 2006 година, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски одлучи да го преименува аеродромот Петровец во Скопје во „Александар Велики“. Грција остро реагира, а спорот полека се враќа на голема врата, сѐ до целосната ескалација на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

Самитот во Букурешт
И покрај обидите на медијаторот Метју Нимиц со засилени дипломатски напори и под притисок на САД да се изнајде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт, тоа не се случи. Атина го блокираше приемот на Македонија во воената Алијанса. На 3 април 2008 година, НАТО му порача на Скопје дека поканата за членство останува отворена доколку се најде компромис со Атина за името.

Тужба во Хаг
Во ноември 2008 година, македонската влада одлучи да покрене тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг против Грција поради ветото во Букурешт. На 5 декември 2011 година, Судот пресуди во корист на Македонија и заклучи дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. Но, во истовреме Судот заклучи дека нема правна сила да ѝ нареди на Грција да го повлече ветото.

Антиквизација
Процесот што започна со преименувањето на аеродромот во Скопје во 2006 година, по самитот во Букурешт доби далеку пошироки димензии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ започна со масовно преименување на објекти и улици и изградба на проектот Скопје 201, во чиј центар се наоѓа споменикот на Александар Велики (наречен Воин на коњ). Проектот чинеше повеќе од 600 милиони евра и ѝ донесе многу критики на земјата.

Преговори во (не)пријателска атмосфера

Иако преговорите околу спорот за името продолжија и во следните години, по самитот во Букурешт, ескалираа националистичките страсти и навреди меѓу двете држави. Грција остро реагираше на билбордот (на фотографијата) на кој грчкото знаме беше претставено со свастика. На слични провокации од грчка страна, особено од страна на грчката армија, реагираа и македонските власти.

Чија е Македонија
И во северна Грција во меѓувреме речиси сите позначајни објекти го носат името „Македонија“. Официјалната „црвена линија“ на Атина во меѓувреме е дека мора да се најде заеднички прифатливо име за меѓународна употреба „ерга омнес“ со географска додавка. Најчесто се споменуваат придавките северна и горна кон името Македонија.

„Вечниот“ Метју Нимиц

Единствена константа во деценискиот спор остана американскиот правник и дипломат, Метју Нимиц. Именуван од страна на Обединетите нации за медијатор во спорот пред 23 години, Нимиц и натаму е оптимист и верува дека може да се најде решение за проблемот. Последната серија средби со политичките лидери во Скопје и Атина ја имаше во јули годинава.

Нов оптимизам

Смената на власта во Македонија и падот на ВМРО-ДПМНЕ донесоа нов оптимизам дека може да се најде решение за спорот. Владата на Заев по секоја цена сака да обезбеди прием во НАТО на следниот самит на Алијансата во 2018 година. Пречката за тоа и натаму останува Грција, но провејува оптимизам дека под притисок од меѓународната заедница и со нова политика во Скопје, би можело да дојде до исчекор.

Договорот на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила. Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Северна Македонија досега исполни голем дел од обврските од Договорот од Преспа, во однос на имплементацијата, како што се промената на уставното име и Уставот, менување на пасошите, регистарските таблици, менување на имињата на министерствата и институциите и слично. Но, остануваат уште обврски коишто треба да се завршат.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи деновиве изјави дека како неисполнети обврски сè уште стојат –  законот за МАНУ и законот за Македонската радио-телевизија (МРТ), кои не се поминати во македонското Собрание.
Од грчка страна, не се ратификувани три меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, а кои се заглавени во грчкиот парламент. Сепак, според Османи, столбот на грчките обврски од Преспанскиот договор е поддршка за НАТО-интеграцијата и за европската интеграција.
„Република Северна Македонија денеска е членка на НАТО затоа што Грција ја исполни својата обврска од Преспанскиот договор. Грција денес е еден од поголемите лобисти за членство на Република Северна Македонија во ЕУ. Тоа беше суштината на грчката обврска. Протоколите се прашања коишто се останати во парламентот, како што е останат нашиот закон за МАНУ, нашиот закон за МРТ и други некои прашања во имплементација на името. Но, суштината двете страни ја имаат исполнето – Грција евроатлантската интеграција, Северна Македонија прашањето на уставните измени и имплементација на името“, оцени Османи.

Пронајдете не на следниве мрежи: