Житарки со млеко или јогурт, овошно смуди, сендвич со намаз, сирење и шунка или варени јајца се само дел од намирниците со кои може да го започнете денот на здрав начин.
Во прилог три идеи за појадок на кои вашите малечки не би се противеле бидејќи се навистина вкусни и богати со хранливи намирници.
Овесна каша со смокви
Состојки: 1 шолја топло млеко, ½ шолја овесни снегулки, банана, лажичка мед, 2 суви или свежи смокви и ½ јаболко.
Овесните снегулки ставете ги во топлото млеко да омекнат, а потоа промешајте ги со одтанатите состојки. Смоквите може да ги промешате заедно со кашата но можете и да додадете некое парче смоква како декорација одозгора.
Зелена бомба
Состојки: 2 шолји млеко, мала шолја сок од портокал, шолја спанаќ, банана, мед и цимет.
Сите состојки ставете ги во блендер и миксирајте се додека не добиете хомогена смеса. Додадете лажичка мед и малку цимет па повторно промешајте.
Омлет со зеленчук
Состојки: 3 јајца, ½ црвена и жолта пиперка, 100 г. спанаќ, 3 лажици млеко, 2 лажици свежо сирење, две парчиња свежа шунка.
Јајцата изматете ги, посолете и додадете го млекото. Пред да ги истурите јајцата во тавата, пропржете ги пиперките 2-3 минути на маслиново масло. Потоа додадете го спанаќот и изматените јајца. Потрудете се смесата рамномерно да ја распоредите во тавата. Послужете со сирење, шунка или зелена салата.
Овие вкусни оброци се одличен извор на енергија за почетокот на денот, како за возрасните така и за помалите.