Предлог за едноставен ручек за сите оние што постат, за вегетаријанците, но и за оние што сакаат да одморат од месо.
Предлози за ручек никогаш нема доволно, а бидејќи Велигденските пости се во тек, збогатете ја вашата трпеза со рецепт за посни полнети тиквички. Се полнат со кромид, ориз и моркови, а доколку сакате да го збогатите вкусот додадете и растителен кашкавал. За помалку од еден час можете да направите вкусен ручек за целото семејство и тоа од евтини состојки.
Потребни состојки:
3 тиквички
3 мали кромиди
1 морков
50 гр ориз
3 домати
масло
сол
Подготовка:
Тиквичките исечете ги на половинки, а потоа издлабете ги. Накратко избланширајте ги во зовриена и посолена вода. Наредете ги во тавче кое сте го премачкале со масло. Кромидот и морковот се рендаат, па се пржат во тава на малку масло додека да омекнат. Потоа додадете ја сечканата средина од тиквичките и оризот, зачинете по желба и сè убаво измешајте. Покријте и динстајте околу 10 минути. После тоа додадете го изренданиот домат. Со добиената смеса наполнете ги тиквичките, па по желба ставете парче растителен кашкавал и затворете го со домат кој сте го исечкале на тркалца. Се пече во рерна на 180°C околу 40 минути.