Најголемите пет од малите хидроцентрали лани работеле со профитни маргини од 12 до 47 отсто, сооднос на кој многумина бизнисмени од други бранши ќе позеленат од љубомора. Особено затоа што нема многу потење. Во најдобитните пет мали хидроцентрали кои од државата имаат повластена загарантирана цена, според достапните податоци, нема ниту една фирма на Кочо Анѓушев – човекот што во Македонија го воведе и издигна бизнисот со мали хидро централи.
Додека јавност се „пени“ од најавата за зголемување на цената на струјата и бара вина во големите компании од електроенергетскиот систем некому му „врти тркалцето“ и го собира кајмакот на „малата река која брег рони“.
Од достапни финансиски податоци од базата на ЦРМ е видливо дека во земјава лани пет мали хидроцентрали оствариле профити од своето работење кои надминуваат 100.000 евра. Само за потсетување на нашите читатели: малите хидроелектрани се приватни инвестиции во мали производни капацитети распоредени на многу локации во државата. Тие произведената струја не ја продаваат по пазарна цена туку по повластена тарифа реално и практично повисока од пазарната цена која во зависност од инсталираниот капацитет се движи од 45 до 120 евра за предаден мегават час струја на електроенергетската мрежа https://erc.org.mk/pages.aspx?id=157.
Овие средства на сопствениците на малите хидро електрани по задолжение од државата ги исплаќа Операторот на пазар на електрична енергија кој ги зафаќа од снабдувачите со електрична енергија кои пак ги ставаат во своите фактури спрема потрошувачите.
Кој ги прави големите пари со мали хидроцентрали?
Најпрофитабилна мала хидроцентрала лани (од достапните податоци) била Хидро Енерџи Груп со профит од 423.000 евра на приход од 900.000 евра. Заедничко за приходот и профитот на друштвото е тоа што лани паѓале во споредба со 2018 година. Профитот паднал за 27 отсто, а приходот за 17 отсто. Веројатно тој резултат се должи на хидролошката состојба и издашноста на водните ресурси на кои се наоѓа тој производствен капацитет. Профитната маргина на Хидро Енерџи Груп е 47 отсто што значи дека од целиот приход речиси половина е добивка за друштвото.
Монтинг Енергетика Тиквеш е втората најпрофитабилна мала хидроцентрала (според апсолутен износ на профит н.з.). Друштвото лани остварило приход од 672.000 евра од предадената електрична енергија и тоа е за 18 отсто повеќе од претходната година. Од тоа добивка е 396.000 евра што е за 37 отсто подобар резултат од 2018 година. Оваа хидроцентрала има пет сопственици, сите домашни, од кои две се физички лица Весна Џутеска – Бишева и Емил Бишев, а три се компании. Од фирмите содружници се: Монтинг Енергетика, Дорин Трејд и ВИГ Груп Консалтинг (чиј сопственик е Илчо Ѓоргиоски поранешен фудбалер и претседател на Фудбалската федерација на Македонија). Добивката на оваа хидроцентрала е 59 отсто од остварениот приход.
ЕМК ДООЕЛ е странско поседувано друштво за производство на енергија од мала хидроцентрала. Лани ЕМК има приход од малите хидра и тој изнесува 1 милион евра што е за 28 отсто послаб резултат од претходната година. Добивката на ЕМК лани паднала за 70 отсто во однос на 2018 година и изнесува 178.000 евра. Неговата профитна маргина лани била 18 отсто. Сопственик е компанијата „Енерги Еасерн Еуропе Хидро Повер Гмбх Јудинбург“.
Вардар Хидро лани направил приход од 377.000 евра што е за едан четвртина послабо од претходната година. Добивката на друштвото е за 46 отсто пониска од претходната година и изнесува 107.000 евра. Профитот во приходите учествува со 28 отсто. Сопственици на друштвото се: Елизабета Георгиева, ЕлектроЛаб, Аскинг и Вардар Градба.
Најголем приход од продажба на струја лани остварил СОЛ Хидропауер и тој изнесува 1,5 милиони евра што е за 20 отсто послабо од 2018 година. Добивката на ова друштво лани е на ниво од 175.000 евра што е за 62 отсто послаб резултат од претходната споредбена година. Сопственик е СОЛ Спа, а профитната маргина за лани е 12 отсто.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.