На денот кога во Белград и во селото Мало Орашје се погребуваат 10 од 17-те жртви на двете масовни убиства кои неделава ја потресоа Србија, српската полиција приведе неколку малолетници кои на социјалните мрежи објавуваа непристојни содржини и заканувачки пораки.
Во Нови Сад тројца средношколци на возраст од 15 и 16 години се уапсени под сомнение за кривични дела загрозување на безбедноста и предизвикување паника и неред, откако на социјалните мрежи објавиле заканувачки пораки и фотографии од оружје што наводно ќе ги однесат на училиште и ќе го повторат делото на „детето чудовиште“ – Коста К.
Според информациите објавени од соседните медиуми, во претрес на станот на еден од уапсените малолетници, полицијата пронашла автоматска пушка.
Осомничените ученици од средно училиште во Нови Сад се од Нови Сад, Беочин и Темерин, а изведени се пред судијата на Врховниот суд во Нови Сад, кој на тројцата им одреди мерка притвор до 30 дена со образложение дека за кус рок би можеле да го завршат најавеното кривично дело.
Српските медиуми пишуваат и дека уапсена е тинејџерката која на социјалната мрежа Тик Ток ги исмејувала жртвите на масовното убиство во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ и го величела убиецот. Бидејќи е малолетна, против нејзините родители ќе биде поднесена соодветна пријава.
Министерството за внатрешни работи на Србија во саботата соопшти дека на социјалните мрежи се појавила лажна снимка на која наводно се гледа убиство во белградско училиште.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.