Полска ја притиска Германија да ги испрати ракетите „Таурус“ во Украина


Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска ја поддржа можноста Украина да добие крстосувачки ракети „Таурус“ и ја обвини Германија за двоумење во испораката на нови системи за вооружување.

Испраќањето на ракетите „Таурус“, кои имаат дострел од 500 километри, би имало „материјален ефект врз способноста на Украина да се брани“, изјави Сикорски за германската новинска агенција ДПА.

„Со британските и американските ракети, Украинците успеаја да ги натераат Русите да ги преместат своите логистички центри, нивните складишта за муниција, нивните командни и контролни центри, нивните транспортни врски подалеку од фронтот. А германските ракети би ги присилиле да одат уште подалеку”, рече Сикорски.

Сикорски ги критикуваше долгите процеси на донесување одлуки во германската Влада.

„Берлин има „историски причини да биде нервозен поради испраќање воен материјал или војници. Ние го разбираме тоа, но се надеваме дека вашите разговори ќе бидат побрзи. Се чини дека Русите се во офанзива. На Украина и недостасува муниција“, рече Сикорски.

Говорејќи за ракетите „Таурус“, тој рече дека оваа динамична ситуација значи дека „одлуката за шест месеци нема да биде иста“.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: