Веганите и оние кои редовно ги постат Божиќните пости веќе знаат дека има многу вкусни варијанти за посни јадења. Но оние за кои Нова година секогаш била асоцијација за печено прасе и руска салата, веројатно се чудат како е можно да се пости и да се издржи новогодишната вечер без познатата обилна свечена трпеза.
Да се биде веган на Нова година не мора да биде проблем. Постојат многу алтернативни јадења за класичните новогодишни рецепти со месо, како и вкусни вегански задоволства.
Нова година е време за уживање во богати празнични оброци, колачи и пудинзи. Но сè повеќе луѓе преминуваат на исхрана без месо, па и рецептите кои не содржат месо се сè побројни.
За да уживате во новогодишната вечер, ви носиме идеја за веганска новогодишна вечера составена од предјадење, главно јадење и десерт.
Предјадење
Навистина имаме многу идеи за мезе, а ќе наведеме две омилени.
Брускети: Свежи домати, маслиново масло, лук и босилек – толку едноставно, а толку вкусно! Подготовката не може да биде полесна: исечкајте ги доматите и лукот и додадете маслиново масло, сол и босилек и премачкајте ги врз печениот леб. Излижете си ги прстите!
Тапенада: Намазот од маслинки ќе го воодушеви секој љубител на маслинки! Потекнува од Прованса, а покрај маслинките се подготвува и од капари, лук, филети од инчуни, маслиново масло, сок од лимон и вињак. За веганската верзија ќе ги исфрлиме инчуните и ќе ги додадеме сувите домати. Сите состојки се мешаат додека не се добие густа паста. Се премачкува на тост леб или крекери, а одлично оди и со печени компири.
Главно јадење
Печење од сејтан: Едноставно, лесно и вкусно! Дарежливо веганско печење кое лесно се сече, лесно е и полно со вкус. Совршено е за сервирање со обилни количини сос, печени компири и сите други додатоци. Остатоците се одлични и во сендвичи. Исклучително лесно се прави, а можете да го подготвите и обликувате до 3 дена однапред, да го оставите во фрижидер и да го печете на денот на послужување или претходно.
Сејтанот е веганска замена за месо која се прави од витален пченичен глутен. Многу е популарен поради неговата месна текстура и исклучително високата содржина на протеини. Повеќето готови замени за веганско месо што можете да ги купите во продавницата се на база на сејтан.
Состојки:
2 парчиња сејтан од 0,5 кг
Соја сос
Сенф
Лук
0,5 дцл масло
Сол, црн пипер
1 кг компири
Приготвување:
Маринирајте го сејтанот преку ноќ. Подгответе ја маринадата од соја сос, сенф, лук и масло. Откако ќе се маринира преку ноќ, ставете го сејтанот во тепсија и додадете го маслото. Излупете ги и исечкајте ги компирите, додајте ги во тепсијата и печете ги 1 час. Ви препорачуваме да додадете повеќе масло и маринада за време на печењето за да го направите посочно.
Десерт
Орахњача без јајца и млеко
Состојки за тестото:
500 гр брашно
1 свеж квасец
1 дцл масло
3 дцл млеко од соја
Кора од лимон
1 лажичка сол
2 лажички шеќер
Состојки за филот:
250 гр ореви
100 гр суво грозје
200 гр шеќер
Млеко од соја
Кора од лимон
Шеќер во прав
Приготвување:
Во шолја се става квасецот, се додаваат 2 лажички шеќер и загреаното млеко и се остава на топло место да нарасне. Кога ќе нарасне квасецот додадете го во брашното. Потоа додадете ги и солта, шеќерот, маслото, млеко од соја и кора од лимон, измешајте сè и оставете повторно да нарасне.
За филот треба да се смелат оревите и да ги прелиете со врело соино млеко во кое ќе додадете суво грозје, шеќер и кора од лимон.
Кога тестото ќе нарасне, потребно е да се расука на дебелина од околу 1 сантиметар, а потоа да се премачка со филот. Откако рамномерно ќе го распоредите филот преку тестото, завиткајте го во ролат. Колачот префрлете го во калап подмачкан со масло и оставете го да отстои уште половина час. Потоа се пече на 200°C уште 30 минути. Кога е готово, оставете го да се излади и поросете со шеќер во прав.