„Путин може да се бори онолку долго колку што е потребно, но Путин е исто така подготвен за прекин на огнот – да ја замрзне војната“, рекол еден четворицата соговорници на Ројтерс, кого агенцијата го атрибуира како висок руски извор кој соработувал со Путин и има сознанија за разговорите што се водат на највисоко во Кремљ
За потребите на сторијата, Ројтерс разговарал со вкупно пет луѓе кои работат или работеле со рускиот претседател на високо ниво во политичкиот и деловниот сегмент
Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да ја запре војната во Украина преку процес на преговори за прекин на огнот во рамките на актуелните линии на фронтот, изјавиле за агенцијата Ројтерс четири руски извори, додавајќи од друга страна дека Путин е подготвен да продолжи со воените операции доколку нема одговор од Киев и неговите западни сојузници.
Во текстот на Ројтерс, со ознаката „Ексклузивно“, се наведува дека три од изворите, наводно запознаени со дискусиите кои се водат во опкружувањето на Путин, рекле дека рускиот лидер изразил фрустрираност пред мала група советници, поради, како што смета тој, обидите поддржани од Западот за спречување на евентуални преговори и одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски за исклучување на можноста од такви разговори.
„Путин може да се бори онолку долго колку што е потребно, но Путин е исто така подготвен за прекин на огнот – да ја замрзне војната“,
рекол еден четворицата соговорници на Ројтерс, кого агенцијата го атрибуира како висок руски извор кој соработувал со Путин и има сознанија за разговорите што се водат на највисоко ниво во Кремљ.
Тој, како и другите извори цитирани од агенцијата, зборувал под услов да остане анонимен со оглед на чувствителноста на темата.
За потребите на сторијата, Ројтерс разговарал со вкупно пет луѓе кои работат или работеле со рускиот претседател на високо ниво во политичкиот и деловниот сегмент.
Петтиот извор, како што се наведува, не коментирал околу можноста за прекин на војната на актуелните линии на фронтот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во одговор на барањето за коментар на ваквите наводи, рекол дека Путин досега јасно ставил до знаење дека Русија е отворена за дијалог за да ги постигне своите цели, додавајќи дека земјата не сака „вечна војна“, пишува Ројтерс.
Барања за коментар од агенцијата испратиле и до министерствата за надворешни работи и за одбрана на Украина, но оттаму не добиле одговор.
Изворите на кои се повикува Ројтерс рекле дека Путин, кој во март беше реизбран за нов шестгодишен мандат на функцијата, би сакал да го искористи актуелниот моментум за да ја стави војната зад себе.
Врз основа на нивните сознанија за разговорите во повисоките редови на Кремљ, два од изворите рекле дека Путин е на мислење дека придобивките во војната досега се доволни за да му се „продаде“ победа на рускиот народ.
Инаку, најголемиот копнен конфликт во Европа од Втората светска војна досега ги чинеше двете страни десетици илјади животи и доведе до опсежни санкции на Западот врз руската економија.
Три од изворите рекле дека Путин сфатил дека секој драматичен нов напредок ќе бара нова мобилизација на сили во земјата, нешто што тој не го посакува, а еден од изворите во овој контекст посочил дека популарноста на рускиот претседател се намалила по првата мобилизација во септември 2022 година.
Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Песков рекол дека Русија нема потреба од нова мобилизација, бидејќи регрутира доброволци во вооружените сили на земјата.
Изгледите за прекин на огнот, па дури и за мировни преговори, во моментов изгледаат далечни, пишува Ројтерс.
Агенцијата потсетува на постојаните изјави на Зеленски дека постигнувањето мир според условите на Путин не може да биде основа за отпочнување на евентуални преговори.
Тоа е и во спротивност со ветувањата на украинскиот претседател дека ќе ја врати изгубената територија, вклучително и Крим, кој Русија го анектира во 2014 година. Тој потпиша декрет во 2022 година со кој формално ги прогласи за „невозможни“ какви било разговори со Путин.
Еден од изворите на Ројтерс навел дека никаков договор не може да се случи додека Зеленски е на власт, освен ако Русија не го заобиколи и не склучи договор со Вашингтон. Сепак, американскиот државен секретар Ентони Блинкен, говорејќи во Киев минатата недела, во изјава за медиумите рече оти не верува дека Путин е заинтересиран за сериозни преговори.
Во меѓувреме Украина се подготвува за разговорите организирани од Швајцарија кои треба да се случат следниот месец, а чија цел е да го обединат меѓународното мислење за тоа како да се стави крај на војната.
Разговорите беа свикани на иницијатива на Зеленски, кој рече дека Путин не треба да присуствува на нив. Швајцарија не ја покани Русија, на што Москва реагираше дека разговорите не би биле веродостојни без нејзино присуство. Од друга страна, Украина и Швајцарија сакаат на нив да присуствуваат сојузниците на Русија, вклучително и Кина.