Фицо: Уморен сум од тоа што Зеленски патува низ Европа „молeјќи и уценувајќи“

Словачкиот премиер Роберт Фицо остро ја критикуваше Украина како несигурен партнер и рече дека е уморен од нејзиниот претседател Володимир Зеленски кој патува низ Европа за да „моли и уценува“.

Фицо ова го кажа во говор пред собраниска комисија, а снимката ја објави на својата Фејсбук страница, пренесува Кликс.

Словачката опозиција свика седница на парламентарна комисија и побара Фицо да ја објасни средбата со рускиот претседател Владимир Путин и да ги наведе следните чекори на Словачка во врска со прекинот на транзитот на рускиот гас преку Украина.

Фицо изјави дека се подготвени две решенија за транзит на гас од Украина во Словачка, на што наводно се согласил украинскиот премиер Денис Шмигал.

Едно од нив требало да биде договор меѓу Русија и Азербејџан, кој ќе и овозможи на Словачка да добива гас од Азербејџан, но Фицо вели дека Зеленски го нарушил тој договор.

Другата опција е предлогот матичната компанија СПП да основа подружница на руско-украинската граница, за да може гасот да се транспортира до Словачка преку Украина.

Фицо го нарече украинскиот претседател несигурен и рече дека му е преку глава од него.

„Зеленски ја обиколува Европа, само моли и уценува барајќи пари. Тоа едноставно мора да престане“, рече тој.

Од друга страна, додаде тој, Русија отсекогаш била сигурен партнер во снабдувањето со енергија.

„За разлика од Украина, Русија никогаш не не измами. Се сеќавам на една ситуација во 2009 година кога бев во Украина и побарав од украинската премиерка Јулија Тимошенко да ни даде гас од резервоар во западниот дел на Украина и ми рекоа да одам по ѓаволите. Тоа се типични Украинци“, рече Фицо.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.