Јадењето навечер дебелее: Мит или вистина?

Со децении стручњаците за исхрана и здрав живот нѐ советуваа дека е лошо за нашето здравје и линија да вечераме доцна, односно подоцна од два часа пред да легнеме да спиеме.
Главна опасност од јадењето навечер, тврдеа експертите, беше ризикот од прекумерно дебелеење, но и од заболување од рак.
Меѓутоа, научниците од Универзитетот Окајама во Јапонија го разбија овој мит и открија дека вечерањето два часа пред спиење не гарантира добро здравје и не влијае значително на нивото на глукоза во крвта.
Научниците анализираа податоци собрани во периодот од 2012 до 2014 година од 1.573 возрасни испитаници. Ниту еден од испитаниците немале здравствени состојби поврзани со дијабетес, повеќето од нив биле постари од 65 години и 2/3 биле жени.


Тимот научници ги испитувал нивните навики на исхрана, а предвид биле земени факторите како тежина, брзина на јадење, ниво на физичка активност, дали се пушачи… Исто така било следено нивото на HbA1c, маркер што го покажува нивото на глукоза во крвта.
Само мал дел од учесниците во истражувањето си легнувале дури откако ќе поминат најмалку два часа од последниот оброк, а научниците откриле дека тоа нема никаков ефект врз нивото на глукоза во крвта кај нив.
Други фактори, како недостигот на физичка активност, претераното пиење алкохол и пушењето цигари, повеќе влијаеле за зголемување на нивото на шеќер во крвта.
И други студии го имаат поддржано ова истражување, што покажува дека вишокот килограми не се создава бидејќи вечерате, а метаболизмот е побавен навечер, туку бидејќи имате нездрави навики што акумулирано придонесуваат да се дебелеете.
Научниците советуваат дека е подобро да се фокусирате на внесување здрава храна и занимавање со физичка активност, наместо да се потресувате кога последен пат сте јаделе во денот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.