Ефектот „Кејт“: Венчаницата која се уште се истакнува како една од најубавите на сите времиња

На денешен ден пред 14 години, Кетрин Мидлтон зачекори во Вестминстерската опатија и пред очите на милиони луѓе започна не само ново поглавје во британската историја туку и едно од најважните поглавја во модната историја на 21 век.
Нејзината венчаница, креација на Сара Бартон за Александар Меквин, сè уште се смета за една од највлијателните венчаници на сите времиња.
Што го направи тој фустан толку посебен?
За почеток, Бартон го комбинираше она што изгледаше речиси некомпатибилно на хартија: викторијанска конструкција – корсетиран струк, дефинирано деколте и здолниште во облик на цвет – со модерна, префинета силуета која ја слави женственоста без непотребна театралност.
Фустанот е изработен од сатен и свила во боја на слонова коска, а највпечатливите детали – чипканиот топ и ракавите – се создадени во Royal School of Needlework, техника стара повеќе од 200 години.

Детали кои раскажуваат приказна
Зад секој елемент од фустанот се криеше приказна. Рачно врежаните цветни мотиви – роза, трн, шамрок и нарцис – не беа само естетски украси, туку ги претставуваа Англија, Шкотска, Ирска и Велс. Должината на велот од 2,7 метри била внимателно измерена: доволно долга за кралски протокол, но далеку од раскошот на Лејди Дијана.
Дури и сината лента, како „нешто сино“, беше дискретно зашиена во внатрешноста на фустанот.
Како настанал ефектот Кејт?
Влијанието на тој фустан беше речиси инстантно. Веќе во сезоните по свадбата, значаен дел од невестинската понуда сочинуваа венчаници од тантела со долги ракави и префинети линии.
WWD (Women’s Wear Daily) и The Business of Fashion објавија за „сеизмичка промена“ во дизајнот на венчаници, со огромно зголемување на побарувачката за слични стилови ширум светот.
Самата Сара Бартон во интервјуа потврди дека класично елегантните венчаници со детали од тантела станале најбараниот стил веднаш по венчавката.

Зошто фустанот останува актуелен денес?
Венчаницата на Кејт не беше само одговор на сегашниот вкус, тоа беше редефинирање на концептот на современа кралска мода.
Во време кога екстравагантноста и претерувањето сè уште владееја на модните писти, Кетрин Мидлтон ја врати дискретната софистицираност, чистата конструкција и елеганцијата без вишок.
Четиринаесет години подоцна, нејзината венчаница не изгубила ништо од својата свежина или моќ на влијание.
Останува потсетување дека вистинската величественост не доаѓа од претерувањето, туку од мајсторството на изработката, разбирањето на традицијата и довербата во сопствениот стил.

Пронајдете не на следниве мрежи: