Израел ја проширува копнената операција, се зголемува бројот на жртвите

Израелската армија повторно нападна стотици позиции на Хамас, соопштија денеска ИДФ, додека ги интензивираат своите копнени операции во Газа. Борбени авиони бомбардираа повеќе од 450 цели во текот на изминатиот ден, вклучувајќи командни центри, набљудувачки пунктови и лансирни рампи за противтенковски ракети, соопштија ИДФ утрово.

Министерството за здравство на Хамас во Газа соопшти дека повеќе од 8.000 луѓе се убиени во израелските напади.

Израелските борбени единици нападнаа терористички ќелии кои се обидоа да нападнат и испукаат противтенковски проектили, соопштија ИДФ. Израелски офицер е тешко повреден во текот на ноќта кога бил погоден од минофрлачка граната во северниот дел на Појасот Газа, додаде армијата. Уште еден израелски војник е повреден во престрелка со терористи, исто така на север, се вели во соопштението. И двајцата се згрижени во болница.

Израелски дронови, воени авиони и проектили гаѓаат цели низ Газа која е под контрола на Хамас.

Војната меѓу Израел и Хамас влезе во 24-от ден, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека оваа следна фаза од војната ќе биде „долга и тешка“.

Во Газа е обновена телефонската и интернет конекција. Комуникациските мрежи беа прекинати во петокот навечер, со што енклавата беше речиси целосно отсечена од надворешниот свет во услови на најтешки израелски воздушни напади досега

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телевизиско обраќање рече дека уште израелски копнени сили влегле во, како што го нарече, „упориштето на злото“, мислејќи на Газа, додавајќи дека командантите сега се распоредени „ширум појасот Газа“.

Израелските одбранбени сили соопштија дека Египет и САД денеска „ќе ја прошират“ помошта за Газа, но не дадоа детали. Во меѓувреме, Меѓународниот комитет на Црвениот крст повика на итна деескалација на конфликтот, изразувајќи жалење за загубата на животи и, како што рече, неподносливо ниво на страдање.

Во меѓувреме турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го обвини Израел за воени злосторства. Нетанјаху одговори со повлекување на дипломатите од Турција.

Војната во Израел започна на 7 октомври со нападот на Хамас врз Израел во кој загинаа 1.400 луѓе, а како заложници, според последните информации, Хамас зел 229 луѓе.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.