Камерите со вештачка интелигенција во Грција погрешно издале илјадници сообраќајни казни, вклучително и оние за празни седишта.
Грција тестираше сообраќајни камери со вештачка интелигенција во Атина, но резултатите не беа онакви какви што се надеваа властите. Во текот на април и мај, системот генерираше околу 13.000 прекршочни налози, но само 400 казни беа потврдени по човечка верификација .
Од 5.500 прегледани случаи, дури 5.100 беа одбиени. Најголемиот дел се однесуваше на пребрзо возење, додека околу 1.300 казни беа поништени поради грешки при препознавање на употребата на телефонот и носење на сигурносен појас.
Докажано е дека вештачката интелигенција честопати погрешно ги толкува ситуациите. Камерите ги мешале електронските цигари со мобилните телефони, ги сметале одредени движења на возачот како користење на телефонот, а сенките и темната облека дополнително го збунувале системот.
Во некои случаи, камерите дури регистрирале непостоечки патници и автоматски издавале казни за неврзани безбедносни појаси на празни седишта.
Исто така, се случило темната маица на возачот да биде помешана со безбедносниот појас, па системот погрешно заклучил дека безбедносниот појас не е врзан.
Проблемот е и во недостатокот на контекст. Вештачката интелигенција не може да процени зошто возилото влегло во лентата за автобуси или служби за итни случаи, па затоа не го разликува прекршокот од ситуацијата кога возачот ги пропушта амбулантните возила или постапува според упатствата на сообраќајната полиција.
Иако грчките власти го претставуваат проектот како успешен, се покажа дека полицајците сè уште мора рачно да прегледуваат илјадници спорни извештаи пред казните да стигнат до возачите.
Моментално, во областа на Атина има само осум активни камери со вештачка интелигенција кои истовремено ја контролираат брзината, поминувањето низ црвено светло, користењето телефон, носењето шлем и врзувањето на безбедносниот појас.
Планот за инсталирање на дополнителни 1.000 камери моментално е во мирување поради жалби за тендери.
И покрај проблемите, властите веруваат дека системот ќе стане попрецизен и посигурен со текот на времето.
The post Казните завршија во ѓубре: Камерите со вештачка интелигенција ги протолкуваа празните седишта во возилото како да не се носи сигурносен појас appeared first on Во Центар.



