Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција по средбата во Белград со премиерката Ана Брнабиќ, одговарајќи на новинарско прашање за отварање на Културно-информатовните центри на двете држави во Белград и Скопје, изјави дека Законот за ратификација на отворање на културно информативните центри во Скопје и Белград ги поминал сите собраниски процедури и да треба да се изгласа на пленарна седница во нашето Собрание, јави дописникот на МИА од Белград.
„Од тоа веднаш следува работна средба на Министерството за култура на која што ќе се одлучува за решавање на просторното прашање каде ќе бидат сместени. Ние веќе ова го имаме вклучено во нашата програма за соработка во делот на културата, и штом ќе бидат овие практично технички прашања решени, ќе се премине кон именување на оној којшто ќе раководи со нашиот културен центар во Белград и ќе може да започне со работа исто како што започнаа со работа културните центри коишто ги имаме во Софија и во Тирана. И сметам дека културниот центар во Белград навистина ќе биде место каде што не само Македонците коишто живеат тука ќе го посетуваат, туку и голем број на Срби ќе дојдат да се запознаат со преубавото културно наследство и сите негови елементи коишто ќе ги понудиме тука во Србија“, изјави Ковачевски.
Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави двете држави на 25. февруари минатата година потпишале договор за отварање на КИЦ и дека ќе разговара со претседателот на Народното собрание, Владимир Орлиќ за што поскоро да се стави законот на дневен ред, бидејќи веќе има добиено согласност од соодветната собраниска комисија.
Таа оцени дека не постои проблем во спроведување на овој договор.
„Македонците во Србија, ова го велам затоа што сите мислиме така и сите можете во тоа да се уверите, Македонците се навистина наши браќа и пријатели и ќе ни биде задоволство ова (Културно-информативни центри) да го спроведеме“, порача Брнабиќ.
Таа додаде дека Србија ќе го стави на располагање својот културен центар во Париз на Северна Македонија за промоција на Отворен Балкан.
Пронајдете не на следниве мрежи: