Неприфатливо е испраќање српски сили на Косово


Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок оцени дека испраќањето српски сили на Косово, како и последните напади врз припадниците на мисијата ЕУЛЕКС на Косово, се „целосно неприфатливи“.

„Косово со одложувањето на локалните избори ги намали тензиите. Неодамнешната реторика од Србија го направи спротивното. Предлогот за испраќање српски сили на Косово е целосно неприфатлив. Како и последните напади врз ЕУЛЕКС. Целата моја поддршка оди на дијалогот што го води ЕУ“, напиша Бербок на Твитер.

На ваквиот став на германската шефица на дипломатијата, реагираше српската премиерка Ана Брнабиќ.

„Во најновото соопштение на министрите за надворешни работи на земјите од Г7 од 14 мај 2022 година, се наведува дека во решавањето на секој проблем или криза во светот (Либија, Сирија, Јемен, Сомалија итн.) потребно е стриктно спроведување на соодветни резолуции на Советот за безбедност на ОН (СОНСКР)“, напиша Брнабиќ на Твитер, оценувајќи дека германското МНР, односно Бербок, сега зачудувачки велат дека треба да се игнорира Резолуцијата 1244 која е „неприфатлива“, а која, според српските претставници, им дава право да бараат враќање на одреден број нејзини безбедносни сили на Косово.

„Што се однесува на меѓународното право и стабилноста, врз основа на кои критериуми одлучувате кои резолуции на Советот за безбедност на ОН мора да се почитуваат, а кои да се игнорираат? На пример, во случајот со Либија, резолуцијата 2571 мора да се почитува, но во случајот на Србија резолуцијата 1244 мора да се игнорира? Ова е неверојатно ниво на апсурд“, критикуваше Брнабиќ.

Таа додаде дека она по што копнеат Србите во Косово се мирот и стабилноста, и дека Србија „нема да има ништо против да види почитување на меѓународното право, Повелбата на ОН, СБ на ОН“…

„Уште нешто: Немаше да има тензии доколку Курти само ги почитуваше договорите, а не тоа што го прави сега – еднострано ги крши“, заклучи Брнабиќ.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: