Американскиот Сенат донесе закон: Се забранува TikTok на службени владини телефони

Американскиот Сенат усвои закон со кој им забранува на вработените во федералните институции да ја користат апликацијата Тик-Ток на службените телефони.

Претходно оваа недела, Тик-Ток беше забранет на официјални телефони во државите Северна Дакота, Ајова, Алабама и Јута, а Тексас, Мериленд и Јужна Дакота најавија забрани.

Во август 2020 година, Сенатот одобри нацрт-закон со кој се забранува употребата на оваа апликација на телефони во сопственост на владата.

Прес-службата на „Бајтденс“, компанијата која е сопственик на Тик-Ток, изрази загриженост за новите регулативи на американската администрација, за кои тврди дека се засновани на дезинформации и соопшти дека претставници на компанијата се подготвени да се сретнат со американски пратеници за отворено да разговараат за работењето на фирмата.

„Разочарани сме што толку многу држави се приклучија во одобрувањето на закони кои се базираат на неосновани гласини за Тик-Ток кои нема да придонесат за унапредување на националната безбедност на САД“, се вели во соопштението.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.